„Оџачарот носи среќа! ‒ Оџачарката носи дупла среќа!“ Во светот на традиционалните занаети, каде што улогата на жената често е ставена на маргините, една Македонка го менува наративот и инспирира нови генерации.
Јасмина Атанасова-Симјаноска ‒ првата оџачарка во Македонија. Таа е дипломиран архитект, енергетски контролор, судски проценител на недвижности, автор на учебници, автор на поезија и проза, а од 2016 година и дипломирана оџачарка. Атанасова-Симјаноска вели дека инспирацијата за оџачарството започнала прво како голема љубопитност, но се развила во голема љубов. Со ова се занимава цела деценија, и тоа не е многу, како што би рекла таа, но е многу интензивно.
Иако има неколку девојки коишто се сертифицирани оџачарки, ниедна активно не се занимава со оџачарство како примарна професија. Нејзината главна активност е едуцирање на што е можно повеќе оџачари за да може да се организира добра оџачарска служба во Македонија, со што значително ќе се намали загадувањето на воздухот, и, уште поважно, ќе се намали бројот на пожари во кои има големи материјални штети, и често, недопустливо губење на човечки животи.
Пари: Што ги привлекува жените во оваа традиционално машка професија? Дали се соочивте со скептицизам, особено од постарата генерација, и дали може жените да ги срушат стереотипите?
Атанасова-Симјаноска: Не можам да зборувам од аспект на сите жени, можам да зборувам за себе. Обуките кај мене ги поминаа многу жени и верувам дека секоја од нив имаше свои причини, како што јас ги имав моите при почнувањето да се занимавам со оваа проблематика. Мене ми беше, условно кажано, лесно, затоа што јас веќе бев остварена како архитект којшто покрај проектирањето и ревизијата на проекти, често работеше и надзор, а тоа значи секојдневна комуникација со мајсторите, и мене лично, никогаш не ми било проблем да воспоставам авторитет, независно дали се работи за мажи или жени. Сепак, јас сум професор, и кога ќе го употребам мојот професорски глас, ме слушаат без приговор. Јасно е дека скептицизмот постои, но тоа е само додека не откријат дека сум апсолутно стручна за оваа работа. Мене ме привлече тоа што знаев дека оџачарството е маргинализирана професија, дека не се работи стручно, се избегнува одржување и чистење, и тоа дека најголемиот број пожари се поради проблеми со оџаците, печките, чадоводните канали, приклучните цевки и слично. Покрај материјалните штети, значителен е и бројот на изгубени животи. Тоа сакав да го променам, сакав да дадам мој придонес за нешто што е важно за луѓето и за Македонија.
Жените секојдневно ги рушат стереотипите. Знаете ли барем една професија во која нема жена? Што е тоа што мажите го работат подобро од нас? Можеби истоварање камиони или сечење шума? Не е дека не можеме и тоа да го правиме, ако баш мора. Во сите професии сме еднакво способни како и мажите, го правиме истото што и тие, можеби и подобро, уште и на потпетици, со две (или повеќе) деца, одржување на домот, грижа за родителите и што уште не!
Пари: Луѓето сметаат дека оџачар мора да се качи на покривот од куќата и неговата работа е само да го исчисти оџакот. Но, која е главната улога на современиот оџачар?
Атанасова-Симјаноска: Современ оџачар значи многу повеќе, неговите активности се и превентивни. Прво што мора да се направи е А-тест на оџакот. Тоа значи дека при самото градење на објектот, кога оџакот ќе биде завршен, мора да се провери пресекот, висината, проодноста и пропусноста на оџакот. Кога сите овие параметри се задоволени, тогаш може да се направи финалната обработка на просторијата. Треба да се направи контролен преглед пред почетокот на користење, што значи да се провери некој да не ставил во оџакот некакви кабли, цевки, да не се вселила некоја птица можеби. Мора да се провери да не има запаливи материи (стар мебел, текстил, книги и сл.) во непосредна близина на ложиштето. Мора да ја провери кровната конструкција, затоа што многу често се случува да има елемент од дрво во непосредна близина или дури и да проаѓа низ оџакот. Исто така, треба да се провери и излезот на оџакот на кров, состојбата на ложиштето и приклучните цевки. Дури по ова може да се започне со користење, односно со греење. Во текот на сезоната препорачувам барем двапати да се исчистат оџакот и приклучните цевки, да се проверат и исчистат ложиштата, сеедно што сѐ одлично си функционира, но јас тоа го викам фактор на мирно спиење. Ако подолго време не се користат чадоводните инсталации, тие треба да се конзервираат.
Современиот оџачар ретко се качува на кров, најчесто се работи од долната страна, чистењето се прави преку контролната вратичка на дното од оџакот. Јасно е дека има ситуации кога мора и да се качи, тоа е во зависност од состојбата на оџакот, пристапноста и уште многу други фактори. Стручен оџачар е способен да одлучи што е најдобро да се направи во дадена ситуација. Ниту еден оџачар нема да добие сертификат ако направи неред при чистењето или, пак, ако тој неред не си го среди пред заминувањето. Навистина е недопустливо по интервеција на оџачарот клиентите да ги доведеме во ситуација да треба и да молерисуваат.
Пари: Кое беше Вашето прво искуство со качување на покрив од куќа и првата работа што ја добивте?
Атанасова-Симјаноска: Тоа беше во 2015 година, додека сѐ уште бев во Загреб. Првото искуство беше на највисоката зграда, бев со момците од Димњачарски обрт Сњежана, а потоа беше контрола на состојбата со оџаците за еден голем трговски центар, каде баш бев воодушевена од шумата на иноксни оџаци за вентилација. Низ Македонија тоа ретко се случува, само во ситуација кога се полага практичниот испит, па треба да ги контролирам кандидатите.
Пари: Колкава е заинтересираноста на младите, но и на жените во оџачарството, дали се обезбедува пристоен живот?
Атанасова-Симјаноска: Факт е дека нема заинтересираност кај младите, иако постои можност за формално средно стручно образование уште од 2016 година. Има заинтересираност за неформално образование, најчесто како преквалификација, затоа што, реално, одлично се заработува од оваа професија, и има голема потреба од сертифицирани оџачари, затоа што законот тоа го бара. Прилично изненадува фактот дека младите жени се заинтересирани за оџачарството. Во последната група за обуки имав две девојки од 18 години. Секогаш ме воодушевува фактот дека сите го сакаат токму романтичниот дел од оваа професија: „Оџачарот носи среќа! ‒ Оџачарката носи дупла среќа!“.
Пари: Дали оваа професија носи ризици?
Атанасова-Симјаноска: Во принцип, секоја професија носи свои ризици. Што се однесува до оџачарството, тука има два главни проблеми: работа на висина и заштита на респираторниот систем. Јас во моите предавања и во книгата за оџачарството, која е во подготовка за издавање, посветувам големо внимание на безбедноста и здравјето при работа. Прво, секој оџачар мора да има своја лична заштитна опрема што се состои од заштита на телото и главата, нелизгачки чевли, неколку типови маски, со различен степен на заштита, опрема за осигурување кога се работи на големи висини. Во текот на практичната обука, мора да научат како правилно да ја користат ЛЗО, и се надевам дека во тој период ќе им создадам трајна навика да се штитат себеси, и да внимаваат на своето здравје. При полагање на испитите, покрај стручноста, најважна компонента ми е личната заштита. Секој од кандидатите што поминал обуки кај мене, знае дека нема ни да дозволам да излезе на испит ако не е прописно облечен и ако не ја користи опремата за лична заштита при работа. Откако ќе бидам сигурна дека нема да си наштетат себеси, ќе разговараме за стручноста и вештините со кои се здобиле.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска