ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ: АНИТА АНГЕЛОВСКА БЕЖОСКА: И во најтешките моменти немаше дилема дека стабилноста е нашиот приоритет

    Време зa читање: 8 минути

    Анита Ангеловска-Бежоска во изминатите седум години испиша успешно поглавје во историјата на Народната банка. Во периоди на голема неизвесност и кризи денарот ги зачува позициите, девизните резерви двојно се зголемија, Македонија влезе во СЕПА, развојот на централната банка се одвиваше според европските стандари, институцијата манифестираше отчетност на дневна основа… Покрај сите притисоци, внатрешни и надворешни, инфлацијата се врати под контрола. И никогаш независноста и самостојноста на Народната банка не се доведоа во прашање. За сето тоа, за пофалбите од Светска банка и ММФ, но и од домашната стручна јавност, единствената гувернерка, која секогаш ги нагласува залагањата на сите во тимот, во интервјуто за Пари скромно коментира – „Мислам дека успеавме соодветно да се справиме со овие кризи“.

    Пари: Првата гувернерка умешно се справи со предизвиците – е најкусата, но многу содржајна оцена што деновиве се слуша за Вашата работа. Кон домашните се надоврзаа и оптоварувањата од глобалните кризи, пандемијата и геополитичките тензии. Како ги оценувате постигнувањата на Народната банка во тие седум години?

    Ангеловска-Бежоска: Нема дилема дека изминатиот период беше исклучително сложен. Поновата историја не памети ваков сплет на околности. Во кус временски интервал светот се соочи со последователни шокови, коишто имаа сериозни последици за благосостојбата на луѓето и за економиите во целина.

    Мислам дека успеавме соодветно да се справиме со овие кризи. Професионалноста и капацитетот на централната банка да презема навремени и добро осмислени мерки всушност се потврдува и преку конкретни параметри. По светскиот инфлациски шок којшто се пренесе и кај нас, инфлацијата е сведена на едноцифрено ниво, коешто постепено се доближува до историскиот просек. Девизните резерви, коишто во акутните фази на пандемичниот и енергетскиот шок заради интервенциите на девизниот пазар значително се намалија, сега го надминуваат и претпандемичното ниво за околу 40 проценти. Довербата во домашната валута и банкарскиот систем е зајакната, што е видливо преку силниот раст на штедењето во домашна валута и на долг рок. Отпорноста и стабилноста на банкарскиот систем не само што ги задржавме, туку и ги зајакнавме, што се потврдува со историски високата капитализираност и со историски ниското ниво на нефункционални пласмани.

    Нешто на што сум особено горда е што покрај овој сериозен „фронт“ на справување со кризи, успеавме да бидеме проактивни во развојниот сегмент и постојано да се усогласуваме со најдобрите меѓународни стандарди. Во оваа смисла, во 2022 година,  Европската комисија донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со  стандардите на Европската у нија. Го исполнивме и највисокиот статистички стандард на ММФ (СДДС плус), како 18-та земја во светот. Во 2024 година, под водство на Народната банка и како резултат на високата усогласеност со европската регулативна рамка, беше направен историски исчекор со влегувањето на нашата земја во СЕПА.

    Ја засиливме и улогата во справувањето со климатските ризици преку членство во меѓународната мрежа на финансиски регулатори НГФС и преку воспоставување стратегиски и систематски пристап во овој сегмент. Отворивме Центар за иновации и ја донесовме првата Национална стратегија за финтек-развој.

    Работевме и на проекти за финансиска едукација и вклученост, особено за ранливите групи, преку првата Национална стратегија за финансиска писменост. Посветивме посебно внимание на транспарентноста, по што станавме втората централна банка во светот оценета според новиот кодекс на ММФ за транспарентноста на централните банки.

    Сето ова беше возможно благодарение на знаењето, посветеноста и професионалноста на тимот на Народната банка.

    Пари: Се покажавте како добар чувар на девизните резерви и стабилноста на девизниот курс. Во годината кога стапивте на должноста нивниот износ беше 2,6 милијарди, а последната состојба од април е речиси 4,8 милијарди евра. Ќе беа ли средствата и повеќе од удвоени доколку беше помирен текот на настаните?

    Ангеловска-Бежоска: Во однос на почетокот на мојот мандат, девизните резерви се речиси двојно зголемени. Девизните резерви се важен столб за одржувањето на стабилноста на домашната валута, а и покрај серијата светски, но и домашни шокови, вклучително и шпекулативните напади врз курсот, тие бележеа речиси непрекинат раст. Токму ова претставува силна потврда за успешното зачувување на стабилноста на девизниот курс. Овој раст најмногу се должи на активниот откуп на девизи од страна на централната банка на девизниот пазар. Само во последните две години, откупивме вкупно 750 милиони евра, со што целосно се надомести износот што беше искористен за интервенции во текот на пандемијата и за време на енергетската криза. Овие резултати јасно укажуваат на градење и одржување силни одбранбени механизми од идни потенцијални ризици и шокови, заради натамошно зачувување на стабилноста на домашната валута.

    Пари: Бевте многу активна и присутна на сите важни домашни и странски случувања од доменот на централните банки коешто придонесе за јакнење на меѓународниот углед на банката. Каква беше улогата на Народната банка во меѓународните иницијативи?

    Ангеловска-Бежоска: Ме радува што политиките на Народната банка, како и нашата подготвеност не само да се справуваме со предизвиците, туку и да предводиме одредени иницијативи, беа широко препознаени и афирмирани од страна на меѓународните институции. Јас и бев претставник на централните банки на земјите од Западен Балкан во Одборот на Виенската иницијатива, како меѓународна платформа каде што учествуваат најрелевантните меѓународни и европски финансиски институции.

    Нашето управување со кризата предизвикана од ковид-19 доби висока оценка од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, коишто истакнаа дека преку навремени мерки и политики, Народната банка придонесе за олеснување на товарот за кредитокорисниците и за одржување на стабилноста на финансискиот систем. Вреден е и фактот што на наша иницијатива, кон која се приклучија и другите земји од Западен Балкан, Европската централна банка за првпат нѝ овозможи пристап до девизна ликвидност во евра, што беше значаен чекор за задржување и натамошно јакнење на макроекономската стабилност.

    Горди сме и на меѓународното признание за застапеноста на жените во раководните структури. Имено,  Народната банка двапати по ред беше прогласена од британскиот форум ОМФИФ за прва централна банка во светот по овој критериум. Како резултат на тоа, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) нè избра за водечка институција во проектот за поддршка на женското претприемаштво во земјава, како и за учесници во нивниот пилот-проект за унапредување на пристапот до финансии за жените претприемачи.

    Исто така, нашите политики беа препознаени и од бизнис-заедницата како ефективен механизам за ублажување на економските удари. Особено ни значи високата доверба што ја добивме од граѓаните, за чии интереси и работиме, потврдена преку резултатите од анкетите спроведени од реномирани меѓународни организации. Анкетите покажуваат дека, и покрај кризите со кои се соочивме, довербата во Народната банка и натаму расте и таа е на врвот на листата на институциите со највисока доверба.

    Пари: Меѓу успесите е и приклучувањето кон СЕПА што носи големи олеснувања за бизнисите и граѓаните…

    Ангеловска-Бежоска: Пристапувањето кон СЕПА е историски чекор за нашата земја и потврда за успешно спроведените реформи што ги предводеше Народната банка, усогласени со високите европски регулативи во доменот на плаќањата.

    Со СЕПА, плаќањата во евра ќе бидат побрзи, поевтини и поедноставни, како да сме дел од ЕУ. Ова значи конкретни олеснувања за граѓаните и бизнисите, особено во земја како нашата, којашто има висока трговска отвореност и значителни дознаки од странство. Според Светската банка, нашите граѓани досега плаќаат и до шестпати повисоки провизии од оние во ЕУ. Ова ќе се промени со СЕПА.

    Членството во СЕПА потврдува дека финансискиот систем кај нас ги исполнува европските стандарди. Тоа отвора можности за поголема конкуренција, повеќе иновации и пониски трошоци.

    По официјалната одлука од март оваа година со која станавме членка на СЕПА, Народната банка и натаму активно обезбедува поддршка за банкарскиот сектор, за негова целосна подготвеност за приклучување кон СЕПА до октомври 2025 година, кога е и првиот можен термин за банките од регионот. Иако не сме членка на ЕУ, овозможуваме нашите банки да станат дел од европските платни системи, со што ја приближуваме нашата економија до европскиот пазар.

    Пари: Која беше најтешката одлука што ја донесовте во својот мандат?

    Ангеловска-Бежоска: Секогаш сум се водела од принципот дека стабилноста е основна претпоставка за долгорочен и одржлив развој. Затоа, најтешките одлуки беа оние што требаше да се донесат во време на сериозни надворешни шокови, како што беа пандемијата, енергетската криза и светската инфлација. Тогаш беше потребно со навремени и прецизни мерки да се заштитат макроекономската и финансиската стабилност. Тоа беа моменти во кои беше потребна голема одговорност, но никогаш немаше дилема дека стабилноста е нашиот приоритет, без отстапување.

    Пари: Каква порака би му упатиле на новиот гувернер?

    Ангеловска-Бежоска: Мојата порака би била: негувајте ја и во иднина институционалната сила на Народната банка, нејзиниот професионален капацитет и кредибилитетот што со години е граден врз основа на анализа, стручност и принципиелност. Верувам дека со почитување на овие вредности, како и со отвореност кон дијалог и тимска работа, институцијата и натаму успешно ќе ја исполнува својата мисија, во интерес на стабилноста и благосостојбата на граѓаните.

    Пари: Која е следната дестинација на Вашата кариерна патека?

    Ангеловска-Бежоска: Мојата професионална ориентација и во иднина ќе биде кон областите во кои можам да придонесам со моето досегашно искуство, водејќи се од стручноста, интегритетот и посветеноста што отсекогаш биле основа на моето работење. Тоа ќе биде темелот во изборот на моите идни ангажмани.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично