ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I АНГЕЛА НИКОЛОВСКА: Не е лесно да се почне бизнис во странство, но сега сме на вистинскиот пат

    Време зa читање: 6 минути

    За следбениците на социјалните мрежи е Angela Al Qataria. Со нив комуницира преку преку видео-снимки. „…Сакам да споделувам искуства, инспирација и практични совети, со цел да мотивирам и други да се осмелат да го следат својот пат, без разлика колку е тежок“, вели Ангела Николовска во интервјуто за Пари, во кое открива дека зад првичната слика на инфлуенсерка стои деловна жена. Основач е и извршен директор на Импера Консалтинг. Македонска фирма преку која ги остварува своите бизнис замисли во Катар. Последната, која е само дел од големиот проект Food Around, е производство на масло за јадење. И пласман на катарскиот, односно на пазарите на Блискиот Исток, под името МАКО. Асоцира на Македонија, нели?

    Пари: Од кога Катарците ќе готват со македонско масло?

    Николовска: За жал, маслото не е со македонско, туку со украинско потекло. Иако имавме неколку обиди за соработка со македонските рафинерии, тие не успеаја поради специфичната амбалажа што се бара на катарскиот пазар (1,8 л), која во Македонија во моментов не постои.

    Пари: Зошто токму масло за јадење, а не некој друг производ?

    Николовска: Во 2016 година имав катарска фирма за дистрибуција, преку која увезувавме повеќе од 280 македонски производи – вода, кроасани, чоколада, сокови, ајвар… Но, поради ненавременото плаќање од клиентите, моравме да ја смениме стратегијата и да се насочиме кон трговија преку нашата фирма во Македонија. Денес, не работиме само со масло, но токму тој производ е во фокусот, бидејќи е еден од основните прехранбени артикли.

    Пари: Како се развиваше оваа бизнис приказна – од идејата до реализацијата. Од каде набавувате сончоглед и каде се произведува МАКО? Претпоставувам, името е кратенка од Macedonian Оil.

    Николовска: Заедно со мојата бизнис партнерка Даниела Ѓорѓиевска, која живее на релацијата Скопје – Доха, на овој проект работиме повеќе од една година. МАКО е дел од поголемиот проект „Food Around“, кој сè уште го развиваме. Со оглед на тоа што ставивме голем фокус на трговијата со сончогледово масло, решивме да создадеме сопствен, заштитен бренд кој ќе се произведува исклучиво за нашата македонска фирма и ќе биде наменет за пазарот на Блискиот Исток, а во иднина и за Европа. Името МАКО потекнува од „Macedonian Oil“, но наместо подолго и техничко име, го скративме во пократка и посимпатична форма.

    Пари: Ќе се појави ли МАКО и на македонскиот пазар?

    Николовска: Да, имаме голема желба за тоа и веќе сме во преговори со неколку маркети. Се надеваме на позитивен исход.

    Пари: Колку е тешко или лесно да се започне бизнис во странство?

    Николовска: На прв поглед изгледа лесно, но реалноста е поинаква. Тоа е сложен и скап процес, особено ако пазарот не ви е доволно познат. Во Катар, во период од десет години поминав низ многу предизвици, но сега верувам дека сме на вистинскиот пат. Научените лекции беа скапи, но упорноста е клучна за секој успех.

    Пари: Што нуди Катар, а го нема во Македонија?

    Николовска: Катар и Македонија се како црно и бело. Катар е апсолутна монархија, нема избори, нема политички партии, а од трите милиони жители, само 12 отсто се локалци. Земјата е една од најбогатите во светот, вложува многу во спорт и едукација, има одлична инфраструктура и е меѓу најбезбедните држави.

    Интересен факт е дека локалните жени имаат повисок степен на образование од мажите локалци, а постои и голема почит кон жените, воопшто. Некои предрасуди, како тоа дека жените не возат или не се школуваат, едноставно не се вистина. Мажите се грижливи и одговорни сопрузи и родители.

    Разликите со Македонија се очигледни, овде редот и дисциплината се дел од секојдневието. Премногу е чисто, улиците, јавниот превоз, јавните тоалети, буквално секаде.

    И многу важно, нема кражби. Автомобилите и домовите скоро и никој да не ги заклучува. Доколку јас оставам на маса телефон и паричник, ќе ги најдам на истото место и по еден час. Добро, има некои исклучоци, најчесто ако заборавите нешто во такси, но многу ретко, скоро никогаш.

    Пари: Вашите следбеници на социјалните мрежи ве запознаваат како Angela Al Qataria. Која е Ангела од Македонија?

    Николовска: Angela Al Qataria е Ангела Николовска од Скопје, Карпош, дипломиран психолог без работно искуство во таа област, но со 12 години искуство во трговијата со храна. Разведена сум, немам деца и денес сум многу поразлична од порано. Порано бев побесна, некогаш и „непослушна“, сега сум посвесна и насочена кон јасни животни цели и бизнис визии.

    Покрај тоа, обожавам култури, патувања и нови предизвици, па токму тоа ме инспирира да ја комбинирам мојата љубов кон трговијата со желбата да создадам нешто уникатно, како нашиот проект „Food Around“. На социјалните мрежи сакам да споделувам искуства, инспирација и практични совети, со цел да мотивирам и други да се осмелат да го следат својот пат, без разлика колку е тежок.

    Пари: На луѓето што биле во Катар сигурно им е јасно зошто оваа азиска земја е ваш избор за живот. Сепак, многумина што немаат претстава како тоа таму изгледа, се прашуваат – како дојдовте и останавте во емиратот?

    Николовска: Случајно дојдов во Катар. Во 2013 година, поради тешка финансиска ситуација прифатив понуда за работа во италијански ресторан за 500 евра плата. Пристигнав на 13 јули. Среде лето, среде Рамазан, на 50°C и со огромна влажност во воздухот. Сакав да се вратам назад со истиот авион. Првите три месеци беа тежок културолошки шок. Но, со тек на време ми се допадна редот, дисциплината и животниот стил, па Катар стана мојот втор дом.

    Пари: Кои се вашите идни и приватни и деловни планови? Дали можеби во нив се наѕира враќањето во Македонија?

    Николовска: Планови имам многу, но не се залетувам како некогаш и ги реализираме чекор по чекор. Во моментов, целта е да потпишеме што повеќе договори со маркети и дистрибутери во Катар за нашето масло и уште неколку нови производи. Во иднина, откако ќе ја стабилизираме работата, ќе формираме тим кој ќе го води бизнисот, а ние ќе можеме да поминуваме повеќе време во Македонија.

    Пари: „Македонска дијаспоро, врати се повторно дома“ е кампања што започна летово. Се прави обид со анкетирање на иселениците да се утврди кои се нивните потреби, што би ги поттикнало животот да го продолжат во родната земја. Под кои услови вие би го направиле повратничкиот чекор?

    Николовска: Враќањето го планирам и без посебни услови од владата. Моето искуство ме научи дека ветувањата се едно, а реалноста друго.

    Сепак, нашето присуство во родната земја е запечатено со тоа што нашата фирма е впрочем македонска. Најважно ми е да се обезбеди стабилен бизнис кој ќе може да функционира и без нашето постојано присуство во Катар.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично