ПОВЕЌЕ

    Иновации, доверба и достапно банкарство – Како Алта ќе ја моделира Стопанска банка Битола

    Време зa читање: 4 минути

    На Стопанска банка Битола ѝ претстојат промени, кои ќе се воведуваат постепено. Ќе бидат насочени кон подобрување на корисничкото искуство. Во фокусот ќе бидат достапноста, дигиталните решенија и транспарентната комуникација. Целта е Алта банка да стане синоним за сигурно, ефикасно и достапно банкарство, изјави неодамна за српски Блиц, извршниот директор на Алта Група, Давор Мацура, воедно најавувајќи ја регионалната експанзија како стратешки правец.

    „Во ова партнерство гледаме можност да ја споиме силата на Стопанска банка Битола со регионалниот потенцијал на Алта Група и заедно да понудиме нова вредност“, вели Мацура, додавајќи дека македонскиот пазар има потенцијал, а „ние имаме ресурси и искуство за да го поддржиме неговиот понатамошен развој“.

    Алта банка од Србија стана сопственик на битолската банка откако нивната понуда ја прифатија 262 акционери, кои продале 344.420 хартии од вредност, што претставува 88,09 отсто од акционерскиот капитал. Понудената цена за акција беше 3.777 денари, а целата зделка е вредна над 21 милион евра.

    Алта банка се смета за една од најбрзо растечките и најиновативни банки во Србија. Не само од нивната веб-страница, туку и на одделни српски сајтови може да се прочита дека Алта банка секогаш е чекор пред пазарните трендови и пред потребите на своите клиенти. Пред сè, од аспект на технологиите, апликациите и услугите. Во тој контекст и неодамнешната информација што ја пренесоа и македонските медиуми – за облакодерот што Алта ќе го гради во Нов Белград, за 35-катницата каде што ќе биде и седиштето на компанијата, која ќе зафаќа 79.470 квадрати, а проектот е на реномираната британската архитектонска компанија Заха Хадид (ZHA) и на белградското Биро Кјуб Партнерс (BCP).

    Алта банка се води како наследник на поранешната Јубмес банка, формирана во 1979 година. Трансформацијата на банката стартувала во 2019 година и оттогаш постигнува значајни резултати. Според пишувањата на српските медиуми, државните акции во Јубмес Мацура ги купил за околу пет милиони евра, а потоа и останатите акции, со што станал комплетен сопственик. Како што било проценето, пазарната вредност на Јубмес била околу 27,5 милиони евра (Nova.rs).

    За период од пет години базата на клиенти е зголемена повеќекратно. Заклучно со минатата година, регистрирани се околу 50 илјади клиенти. Или, во споредба со почетната база, бројот на граѓаните што ги користат услугите на банката е зголемен за повеќе од седум, а кај компаниите за десет пати.

    Фокусот на кредитната активност е насочен кон корпоративниот сектор. Од вкупно пласираните кредити, 73 проценти се кај компаниите, а оттаму доаѓаат и 78 проценти од вкупниот каматен приход.

    Минатата година Алта банка ја завршила со оперативна добивка од 20 милиони и со нето-профит од 16,2 милиони евра.

    Банката функционира со повеќе од 500 вработени. Има пазарен удел од 1,84 проценти, за разлика од 2019 година и тогашните 0,5 проценти. По големина, во Србија е на 12-то место, но позиционирана е како банка со најбрз раст. Тоа признание и официјално го има добиено од Стопанската комора на Белград, а изборот е направен според клучните бизнис индикатори: раст на актива, депозити, кредитно портфолио и број на вработени. Нејзината актива е во износ од 1,039 милијарди евра. И, само минатата година, бележи зголемување од високи 52,28 насто (TheBanks.eu).

    Воедно, лани во август Алта банка ги зголемила капиталните средства за 27 милиони евра со издавање нови акции, сите купени од ALTA Pay Group, кој е нејзиниот единствен сопственик (Serbia Business). Како што се наведува, ова зајакнување е направено како поддршка на деловните активности и на развојните планови.

    Исто така, Алта банка има сопствен истражувачки и развоен центар, каде што тим од експерти развива технолошки решенија. Тоа и ја дава предноста брзо и безбедно да реагира на барањата на пазарот.

    Во составот на Алта Груп, освен Алта банка се и Алта лизинг, Алта голд и други фирми во секторите на трговијата, недвижностите, финансиските услуги и инфраструктурата.

    Во Стопанска банка Битола очекувањата се големи. И менаџментот и вработените се надеваат дека на битолската банка ѝ претстои сериозна трансформација и зголемена конкурентност на пазарот.

    За тоа, Мацура вели:

    „Клиентот не е број во системот, тоа е личност со планови, грижи и надежи. Ако тоа не го разбереме, не можеме да бидеме институција што заслужува доверба. Ние не нудиме производи, туку решенија прилагодени на реалните потреби на човекот.

    Нашата сила е во спојот на проактивен пристап, технолошки иновации и персонализирана грижа за клиентот. Тоа е она што нè издвојува и што ќе го пренесеме на пазарот на Северна Македонија, како и на сите пазари на кои ќе работиме во иднина“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично