Инфлацијата во Турција се искачи на близу 79 отсто минатиот месец, што е највисока што земјата забележала во четврт век. Годишната стапка на инфлација беше 78,62% за јуни, според Турскиот статистички институт, надминувајќи ги прогнозите.Во мај инфлацијата беше 73,5%, додека за споредба таа изнесуваше само 15% на почетокот на минатата година.
Зголемените потрошувачки цени силно го погодија населението од 84 милиони луѓе, со мала надеж за подобрување во блиска иднина како резултат на руско-украинската војна, високите цени на енергијата и храната, како и нагло депресираната лира, националната валута. Цените на транспортот скокнаа за 123,37%, а цените на храната и безалкохолните пијалоци се искачија за 93,93%, според владините податоци. Цената на основните артикли за домаќинството порасна за 81,1 отсто, пресмета агенцијата за статистика.
Неконвенционалните економски политики на претседателот Реџеп Таип Ердоган продолжија да го земаат својот данок. Економската криза во Турција започна кога Ердоган ја принуди централната банка да помине низ низа намалувања на каматните стапки минатата година. Стапката се намали и покрај зголемувањето на потрошувачките цени.
Турскиот претседател ја отфрла конвенционалната економија и упорно тврди дека високите каматни стапки предизвикуваат пораст на цените.
Турција во петокот значително ја зголеми минималната плата по втор пат во една година за да го ублажи ударот врз домаќинствата. Зголемувањето на нето месечната плата на 5.500 лири (330 долари) значи дека номиналната минимална плата е речиси двојно зголемена од крајот на минатата година. Таа изнесуваше 2.826 лири кон крајот на декември и 4.253 лири во јануари.
Економистите предупредуваат дека значителното зголемување на платите на голем дел од населението е инфлаторна мерка која треба да биде придружена со зголемување на каматите или други средства за ограничување на трошењето. Официјалните податоци покажуваат дека повеќе од 40 отсто од Турците заработиле минимална плата на почетокот на годината.
Министерот за економија Нуредин Небати во петокот вети дека потрошувачките цени ќе почнат да паѓаат во декември.