ПОВЕЌЕ

    Инфлацијата во август со забавено темпо – Мицкоски задоволен од владините мерки и политики

    Време зa читање: 3 минути

    Стапката на инфлација во август бележи месечна промена од минимални 0,2 проценти. На годишно ниво, зголемувањето е за 4,4 насто. Истовремено, минатиот месец цените опаднале за 0,7 отсто, а годишниот раст е 4,1 насто. Ова се последните податоци од Државниот завод за статистика.

    Како што е наведено во информацијата, растот на месечната стапка произлегува од повисоките трошоците на животот во шест групи: Ресторани и хотели за 2,1 %; Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 %; Храна и безалкохолни пијалаци и Разновидни стоки и услуги за 0,6 %, Рекреација и култура за 0,3 % и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 %.

    Наспроти тоа, трошоците на животот се намалени во Транспорт за 3,1 отсто; Облека и обувки за 0,6 отсто; а во групите Здравје и Образование за 0,1 отсто.

    Нема промени во Домување, вода, електрика, гас и други горива, како и во Комуникации, кои се задржале на истото ниво како и во јули.

    Што се однесува до цените, статистичкиот индекс на цените на мало во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, изнесува 99.3.

    Притоа, регистрирано е намалување на трошоците на живот кај некои групи производи, како на пример: риба и морски плодови (-0,9 %); масла и масти (-0,1 %); овошје (-1.5 %); шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи (-0,2 %); останати прехранбени производи (-0,9 %); минерална вода, безалкохолни пијалаци, сокови од овошје и зеленчук (-1,1 %); кафе, чајот и какао (-0,2 %).

    А, малиот месечен раст на индексот на трошоци на живот за храната и безалкохолните пијалаци, се образложува со растот на цените на зеленчукот (+4,9 %), како тренд што е присутен веќе подолг период во целиот регион, „поради добро познатите состојби на намалени приноси и понуда поради понеповолните временски услови“.

    Според Статистика, „индексот на трошоците на животот во август 2025 година, во однос на август 2024 година, бележи зголемување од 4,4 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,1 %“.

    „Многу е значајно дека ние денес зборуваме за забавување на вкупната инфлација, забавување на базичната инфлација и за намалени трошоци на живот на месечна основа кај повеќе групи на производи. Ова се јасни, првични сигнали дека процесот на дезинфлација е започнат и убеден сум дека ќе продолжи, а инфлацијата постепено ќе се врати на посакуваните два проценти“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

    Како што вели, тоа е резултат од владините економски мерки и политики.

    „Сведоци на забрзување на економскиот раст, забавување на инфлацијата, пад на невработеноста и раст на доходот на граѓаните. За потсетување, во првата половина на 2025-та година, на годишна основа е забележан реален раст на просечната плата за 5,8 насто. Нашиот економски модел води кон целосна трансформација на Македонија и подобрување на животниот стандард за граѓаните. Приоритет и цел е да обезбедиме поквалитетен живот за сите граѓани, иднина и просперитет на Македонија“, тврди премиерот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично