
Во време кога цените повторно почнуваат да го чувствуваат притисокот на глобалните и домашните фактори, Владата најавува нов сет економски мерки што треба да го амортизираат ударот врз граѓаните. По празниците, се очекува конкретен пакет насочен кон најчувствителните категории и производи, а целта е да се задржи контролата врз инфлацијата.
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека според актуелните пресметки, инфлацијата за март ќе се движи меѓу 4,5 и 5 проценти, при што веќе е забележано забрзување во втората половина од месецот. Тој нагласи дека институциите внимателно ја следат состојбата и анализираат дали има евентуални злоупотреби или непазарно однесување кај дел од трговците.
Владата, како што посочи, нема да брза со одлуки, туку ќе делува внимателно и прецизно, особено поради неизвесноста околу времетраењето на кризата. Сепак, веќе е јасно дека новите мерки ќе бидат понасочени од претходните и ќе се фокусираат на основните прехранбени производи, кои имаат најголемо влијание врз секојдневниот живот.
Планираниот пакет ќе комбинира намалување на данокот на додадена вредност и ограничување на профитните маржи, со што Владата ќе се обиде директно да интервенира во формирањето на цените. Намерата е помошта да биде таргетирана, односно да стигне до граѓаните кои најмногу ја чувствуваат инфлацијата.
Мицкоски потсети дека претходните интервенции, како намалувањето на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти и можноста за намалување на акцизите, веќе имале ефект и спречиле инфлацијата да достигне значително повисоки нивоа. Сепак, овие мерки имаат и своја цена, државниот буџет веќе трпи загуби кои се проценуваат на околу милион евра дневно.
Паралелно со економските мерки, Владата подготвува и законски измени за засилување на контролата врз пазарот. Законот за нефер трговски практики, кој предвидува повисоки казни, е веќе подготвен и наскоро треба да влезе во владина процедура. Овој чекор треба дополнително да спречи манипулации со цените и да обезбеди поголема пазарна дисциплина.
И покрај притисоците, од Владата посочуваат и позитивни сигнали од економијата. Извозот во февруари бележи раст од 12 проценти во однос на минатата година, додека и увозот расте, што укажува на одредена стабилност во трговската размена. За првите два месеца, и извозот и увозот се движат со слична динамика, што ги намалува стравувањата од економско забавување на краток рок.
Сепак, клучното прашање останува – колку ќе трае кризата и колку длабоко ќе влијае врз економијата. Владата засега избира пристап на претпазливост, со порака дека е подобро да се биде подготвен за подолг период на неизвесност, отколку да се реагира избрзано.
Во наредните недели, токму новите мерки ќе покажат дали државата ќе успее да го задржи балансот меѓу стабилни цени, одржлив буџет и заштита на животниот стандард.
Аналитика








