Охрабрувачки се вестите дека македонската економија има поголеми стапки на економски раст, но нивната „гола“ споредба со економскиот раст на равиените земји и фактот дека сме постигнале дури и поголем раст од нив, се уште ни одалеку не значи дека им се приближуваме со бруто домашниот поизвод по глава на жител или по животниот стандард. За тоа, како што велат економистите и стопанственицте треба уште поголеми стапки од сегашните 3 проценти, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека новата цел е економски раст од 4 проценти.
Стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од 2025 година е 3 проценти во однос на истото тримесечје од 2024 година, објави Државниот завод за статистика. Според сезонски и календарски прилагодените податоци, стапката е 3,2 проценти. Според објавата на Евростат, како што информираше премиерот Мицкоски, нашиот економски раст е рангирана на четврто место, веднаш зад Ирска, Данска и Полска.
Охрабрува и фактот што ова не инцидентен податок, туку тренд што трае од третото тромесечие во 2024 година кога исто така е постигната стапка од 3%, па во четвртото 3,4%, за да во првиот кварал од годинава имаме повторно 3%. Малиот пад, според познавачите не треба да обесхрабрува затоа што секогаш бројките на почетокот на годината се пониски од оние на крајот кога се затвораат сметките.
Но, што реално значи ваквиот економски раст?
Според подтоците од Меѓународниот монетарен фонд ( https://www.imf.org/external/datamapper/NGDPDPC@WEO/UVK/EURO/EU) за проценетиот бруто домашен производ по глава на жител по сегашни цени, Полска има 26.800 долари БДП по жител, Данска има 74.900 долари, Ирска 108.800 , додека Македонија има 9.800 долари БДП по жител.
Проценки за бруто домашен производ во 2025 според тековни цени
Извор: ММФ
Она што ја мачи Македонија е што долги години нема во континуитет повисоки стапки на економски раст, стапки поголеми од оние од поразвиените земји за да го ублажи јазот. А самиот јаз носи низа потешкотии, од конкурентност преку мобилност до одлив на работна сила.
Најдобро било во 2007, најлошо во 2020 година
Според податоците на Народната банка, Македонија најголем економски раст од осамостојувањето постигнала во 2007 година, кога изнесувал 6,5 пороценти, а најголем пад, кога сме отишле во минус од 4,7 проценти е во кобната 2020 година.
Еден од најголемите гласноговорници за постигнувањата во однос на економскиот раст, некогашниот министер за финансии Џевдет Хајредини често поочува дека во последните три децении просечната стапка на економски раст е 2,2 проценти. На Македонија и треба многу повеќе.
Проценките според кои е правен Буџетот за годинава е економски раст од 3,7 проценти. Се најавува инвестициски бум, се позајмуваат милијарди и тоа во евра. Сите економсити се сложни дека ако од позајменото успееме да креираме поголем економски раст отколку што е стапката на каматите за задолжувањето, тогаш ќе успееме. Но, ова е многу тешка задача.
Стопанството алармира за стапки над 5 проценти
Стопанската комора на Северна Македонија во фокусот на своите активности уште минатат година го стави економскиот раст над 5 проценти. И извршната директорка на Македониа 2025 , Никица Мојсовска Блажевски потенцираше дека со стапки под 5% „нема далеку да отидеме“.
– Сите се согласуваме дека ставки на економски раст под 5 проценти нема да нѐ однесат до посакуваната дестинација. Значи, заедно треба сите да работиме за да постигнеме економски раст над 5 отсто и што е можно побрзо да го зголемиме животниот стандард. Така ќе привлечеме, се надевам, и наши од дијаспората да се вратат тука да живеат, да работат, да инвестираат, меѓутоа исто така и сите ние да живееме подобро и да имаме подобар квалитет на животот –изјави Мојсовска Блажевски на средба со Стопанската комора.
Р.П.