ПОВЕЌЕ

    И ВО 2023 БЕЗ ПРОМЕНИ: Новите фирми „типуваат“ на ХАЛК БАНКА

    Време зa читање: 6 минути

    Халк, па НЛБ – се двете банки во кои најмногу од новооснованите фирми во Македонија отвориле сметки. Податоците на БизнисМрежа.мк се за 2023 година, а споредбата со тие од претходната година укажува дека нема промени. Повторно Халк банка е првиот, а НЛБ вториот избор на матична банка од страна на лицата коишто отпочнале бизнис.

    Всушност, тие се двете банки што во подолг временски период се на врвот од оваа листа. Тоа го потврдуваат анализите што ги прави порталот „Пари“, од кои произлегува фактот – местата ги менувале, но во последниве две години предноста ја има Халк банка.

    Во текот на минатата година, во државата се формирале 8.517 нови фирми. Речиси една четвртина од сите нив, преку отворените 2.215 сметки, најголема доверба изразиле кон Халк банка. Бројот на новите фирми е помал од нотираните во 2022 година (8.665). Сепак, падот не се рефлектира и кај Халк банка. По оваа основа, банката има стекнато 156 клиенти повеќе од лани (1.959).

    Намалувањето е забележливо кај второрангираната, НЛБ банка. Од 1.859 во 2022 година, минатата година се отворени 1.702 сметки од фирмите коишто тогаш се основале и почнале да работат.

    Ист е и натамошниот редослед заклучно со петтата позиција. Следува Комерцијална банка. Ѝ се придружиле 1.388 нови правни субјекти (1.415 во 2022 година). А, во Стопанска банка – Скопје биле отворени 1.091 сметка (во 2022 година – 1.139).

    Тука завршуваат банките во чии извештаи е забележано дека се стекнале со повеќе од илјада клиенти кога се работи за новоформираните фирми.

    На петтото место, исто како и преклани, е Шпаркасе банка. Овојпат, за неа се определиле 479 нови фирми (502 во 2022 година).

    Од сето ова се гледа дека кај четири банки од првата петорка има намалување на клиентите – нови фирми. Раст е евидентиран само кај Халк банка.

    ТОП 5 банки со нови клиенти во 2023 година

    Извор: БизнисМрежа.мк

    Низата продолжува со шест банки коишто во текот на 2023 година се здобиле со над сто клиенти, кои отвориле сметки за новите фирми: УНИ банка – 422, ТТК банка – 366, Прокредит банка – 259, Централна кооперативна банка – 201, Силк Роуд банка – 168 и Стопанска банка – Битола – 133.

    ТРГОВЦИТЕ НАЈМНОГУ ОТВОРААТ ФИРМИ

    Најголем интерес за водење бизнис и отворање нова фирма лани е прикажан во трговијата, што исто така е редовна појава. Во трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли се отворени 2.204 нови фирми. За 635 од нив избор била Халк банка, за 351 НЛБ банка, за 291 Комерцијална банка, за 256 скопската Стопанска банка, и за 119 ТТК банка. Безмалку една четвртина од новите во оваа дејност.

    Од 1.008 новоотворени субјекти во други услужни дејности, 233 се „запишале“ во НЛБ банка, 203 во Халк банка, 189 во Комерцијална банка, 134 во Стопанска банка – Скопје, 56 во Шпаркасе банка.

    За новите фирми во градежништвото, Халк е главниот избор на банка. Основани се 854 нови фирми, а 262 се определиле за таа банка. Следуваат НЛБ банка со 134, скопската Стопанска банка со 119, Комерцијална банка со 115, и Шпаркасе банка со 54 отворени сметки од фирмите.

    Секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна лани го засилиле 801 нова фирма. Клиенти на Халк банка станале 207 од нив, 165 отвориле сметка во НЛБ банка, 116 во Комерцијална банка, 94 во Стопанска банка – Скопје, а 56 во УНИ банка.

    Од новоотворените 789 фирми во преработувачката индустрија, 230 за матична банка ја избрале Халк банка, 149 – НЛБ банка, 118 – Стопанска банка – Скопје, 102 – Комерцијална банка, а 47 – ТТК банка.

    Во четири од петте дејности, кои предничат според бројот на новоформираните деловни субјекти, најголемата доверба ја има Халк банка.

    ТОП 5 дејности и нивен избор на банка

    Извор: БизнисМрежа.мк

    И ВО ГРАДОВИТЕ СО НАЈМНОГУ ОТВОРЕНИ ФИРМИ ИЗБОРОТ Е ХАЛК И НЛБ

    И во петте градови каде што лани се отворени најголем број нови фирми, состојбата со банките е иста. Секаде „победник“ е Халк банка.

    Во Скопје, од 3.412 новоосновани фирми, 972 „гласале“ за Халк банка. Клиенти на НЛБ банка станале 768 фирми, 696 на Комерцијална банка, 384 на Стопанска банка, а 180 на Шпаркасе банка.

    Од 541 нова фирма во Тетово, кај 164 одлуката паднала на Халк банка. За домашната, ТТК банка, се определиле 107, 76 за Стопанска банка – Скопје, 54 за НЛБ банка, а 50 за Комерцијална банка.

    Битолската локална економија лани добила 398 нови фирми: 73 отвориле сметки во Халк банка, 67 во НЛБ банка, 61 во Комерцијална банка, 47 во скопската Стопанска банка, а 43 во Шпаркасе банка.

    Во Куманово проработеле 363 нови фирми. За матична банка 71 ја одбрале Халк банка, 69 – Централна кооперативна банка, 59 – НЛБ банка, 42 – Комерцијална банка, а 37 – Стопанска банка – Скопје.

    Слично е и во Гостивар. Од 328 нови фирми, 116 „типувале“ на Халк банка, 58 на НЛБ банка, 56 на Стопанска банка – Скопје, 34 на Комерцијална банка, а 29 на ТТК банка.

    ТОП 5 градови по нови фирми и нивен избор на банка

    Извор: БизнисМрежа.мк

    СЕ ЗНАЕ, АМА ДА СЕ КАЖЕ – НАЈМНОГУ ФИРМИ СЕ ОСНОВААТ КАКО ДООЕЛ

    Халк и НЛБ банка се најчестиот избор и кога се гледаат податоците од аспект на новооснованите по вид субјект.

    Минатата година најголемиот дел од новите фирми се регистрирале како ДООЕЛ – 4.927. Од нив, за Халк банка се определиле 1.350. Потоа доаѓа НЛБ банка, со 961 сметка од новоотворените, па Комерцијална банка со 807, скопската Стопанска банка со 598, и Шпаркасе банка со 300.

    Кај фирмите чиј вид е заведен под „друго“, а се второрангирани со 1.514 нови деловни субјекти, на прво место е НЛБ банка – 359. Халк банка е избор на 292, 282 се ориентирале кон Комерцијална банка, 220 во Стопанска банка, и 89 во Шпаркасе банка.

    Како ДОО се запишани во евиденцијата 1.358 од новоформираните фирми во 2023. Сметки во Халк банка отвориле 428 од нив, 256 во НЛБ банка, 201 во Комерцијална банка, 148 во Стопанска банка, 66 во Шпаркасе банка.

    Новоосновани по вид субјект и избор на банка

    Извор: БизнисМрежа.мк

    новинар: Mаја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично