На пратките со вредност до 22 евра ќе се пресметува ДДВ од 18 насто. Владата подготви и до Собранието достави предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се предлага укинување на ослободувањето од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност. Измените имаат за цел да се спречи злоупотребата на оваа поволност, која често се користеше при купување стока од странство преку интернет – особено во последниот период, со масовниот раст на нарачките преку Тему.
Според предлогот, ослободувањето од ДДВ ќе важи само за мали пратки од некомерцијална природа, кои се испраќаат меѓу физички лица, а не за онлајн купувања од трговци. Максималната вредност останува 22 евра, но ослободувањето нема да важи за алкохол, парфеми, тоалетни води, тутун и преработки од тутун.
Во пракса, тоа значи дека сите интернет-нарачки од странство, без разлика на износот, ќе бидат предмет на пресметка на ДДВ. Со оваа мерка Македонија се приближува кон европските практики и создава фер услови за конкуренција меѓу домашните и странските продавачи.
Во владиното образложение е наведено дека измените нема да создадат дополнителни фискални трошоци, ниту нови материјални обврски за граѓаните и компаниите – освен редовното плаќање на данокот при увоз.
Со ова Македонија го усогласува системот на ДДВ со стандардите на Европската унија, каде што ваквите ослободувања се веќе укинати. Очекувањата се дека мерката ќе донесе поголема транспарентност во е-трговијата и дополнителни приходи во државниот буџет.
Според извештајот на Ecommerce Bridge Europe, во првиот квартал од 2025 година онлајн купувањата од странство достигнале 80,1 милиони евра, од вкупниот промет кој достигнал 213,3 милиони евра. Во анализата се наведува дека Тему, заедно со веќе присутните платформи како Алиекспрес, значително го поттикнал растот на прекуграничната трговија.
Тему започна со испорака кон Македонија лани и за само една година стана феномен – со дневна испорака на над десет илјади пратки.