ПОВЕЌЕ

    И „Современ дом“ меѓу акционерите со над 5% во „Македонијатурист“

    Време зa читање: 2 минути

    Ново (пре)групирање во акционерската структура на „Македонијатурист“ непосредно пред одржувањето на вонредното Собрание на акционери, закажано за 17 месецов. Меѓу акционерите кои се сметаат за големи, затоа што поседуваат над пет проценти од акциите, се вброи и „Современ дом“. А, „М.Г. Фешн“ и „Чезакомерц“ ги јакнат позициите.

    „Известуваме дека акционерот Современ дом АД Прилеп поседува 22.659 акции односно 5,01% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, објавија од хотелско-угостителската компанија, чија сопственичка структура од корен се промени во изминатите неколку месеци..

    „Современ дом“ на Ацо Дудулоски е еден од партнерите во „Скопски пазар“, кој, пак, ја започна битката за превласт во „Македонијатурист“ и во моментот, со 19,9 проценти (90 илјади акции) е најголем акционер. Овие две фирми заедно настапија на берзанската аукција реализирана на крајот од ноември лани, кога го купија големиот пакет со 44.449 акции на „Македонијатурист“ (9,83%) отсто.

    Според последните известувања споделени преку Македонска берза, „М.Г. Фешн“ во сопственичката структура партиципира со 11,43 проценти. „… Друштво за трговија, производство и услуги М.Г. Фешн доо увоз-извоз Скопје купи дополнителни 119 акции и сега поседува 51.696 акции…“.

    „Чезакомерц“ веќе не е најмал во друштвото на големите акционери.

    „… Друштво за внатрешен и надворешен промет Чезакомерц Симеон Роберто и Виктор доо Скопје купи дополнителни 119 акции и сега поседува 28.810 акции односно 6,37% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, соопштија од „Македонијатурист“.

    Интересот за акциите на компанијата и натаму е голем, особено што претстои промена и во телата на управување. За почеток, ќе се менува составот на Надзорниот одбор, а четирите компании – „Скопски пазар“, „Промедика“, „М.Г. Фешн“ и „Чезакомерц“ доставија предлози за нови членови. Наредниот чекор ќе биде Управниот одбор.

    Сите тие нешта влијаат се рефлектираат на берзанскиот терен. На пример, минатиот месец акцијата на „Македонијатурист“ беше меѓу оние со најголем раст на вредноста, за 25,44 проценти, достигнувајќи просечна цена од 10.600 денари. За три денари е повисоко нивото на стартот од работнава недела: по просечните 10.603 денари се истргувани 500 акции, а дневниот промет изнесува 5.301.500 денари или над 86 илјади евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично