ПОВЕЌЕ

    И ПОКРАЈ ИНФЛАЦИЈАТА, КУПУВАМЕ ПОВЕЌЕ ХРАНА: Реалниот годишен раст е 7,3 проценти насто

    Време зa читање: 3 минути

    Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, номинално е зголемена за 15,9 насто, а реално за 7,3 насто во октомври во однос на пред една година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Ова значи дека прометот не е зголемен само поради растот на цените, туку и поради поголеми испазарени количини, затоа што реалниот раст го покажува токму тоа – зголемен промет со изземен процент на инфлација.

    Истовремено, податоците покажуваат дека граѓаните повеќе се свртеле на јадење, а помалку на купување непрехранбени производи. Така, иако номиналниот раст на трговијата со непрехранбени производи (освен гориво) покажува раст од 2,2 насто, реално има пад од 1,9 насто.

     Индекси на прометот и стапки на промена (номинално и реално) во секторот Трговија

    Извор: Државен завод за статистика

    Почетокот на годината, пак, започна дури и со заштеди на она што претходно се купувало. Така, реалната стапка на промет во трговијата со храна, пијалаци и цигари во јануари била во негатива за 3,4 насто! Во меѓувреме имаше и раст на пензиите и раст на платите, што резултираше со нови поволни податоци.

    Од друга страна, цените на храната продолжија да растат. Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци се зголемени за 7 насто во октомври во однос на ланскиот октомври. Сепак, министерот за економија, Бесар Дурмиши, изјави дека се очекува податоците за ноември да покажат пониска инфлација.

    ‒ Ќе ги видиме податоците за ноември, но ланскиот октомври имавме мерки од страна на државата за замрзнување на маржата, нешто што го немавме во ноември. Затоа, кога ќе се спореди ноември со ланскиот ноември, јасно е дека ќе добиеме податок за пониска инфлација. И сега, во октомври во однос на септември имавме намалување на трошоците за живот за 0,2 насто, но ако се спореди октомври со ланскиот октомври имаме инфлација од 4,5 насто – изјави Дурмиши.

    Според податоците од Светска банка, во Македонија 30,6 насто од целата потрошувачка оди на храна (податок за 2023 година). Во Австралија, храната учествува само со 9,9 насто! Од земјите во соседството: во Босна и Херцеговина учеството на храна е 32,1 насто, во Бугарија е 20,7 насто, во Хрватска 18,5 насто, во Србија 24,1 насто, во Словенија 13,9 насто, а во Грција е 16,4 насто. Моторот на европската економија, Германија, им овозможува на своите граѓани само 11,6 насто од финалната потрошувачка да оди за храна, во Франција е 12,6 насто, а во Шведска 13 насто.

    Податоците покажуваат дека голем дел од примањата на нашите сограѓани сè уште се за основното – прехрана, додека во развиените земји егзистенцијата е многу помал дел од колачот наречен финална потрошувачка. Европската комисија во извештајот за напредокот на земјата забележа дека конвергенцијата со нивоата на приходи во ЕУ остана многу бавна.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично