ПОВЕЌЕ

    ХРВАТСКА ОБЈАВИ ОФАНЗИВА ПРОТИВ ДИВОГРАДБИТЕ: Отсега за нелегално градење ќе се оди во затвор

    Време зa читање: 4 минути

    Хрватска влегува во една од најобемните промени во својата законска рамка во градежништвото и просторното планирање во последната деценија, при што нелегалната градба станува кривично дело за кое се предвидени и затворски казни.

    Главните поенти на реформата се – повеќе да не биде профитабилно да се гради без дозвола, да нема чекање на шалтерите, просторните планови ќе бидат дигитални, достапни за сите и усогласени со фактичката состојба на терен, а правата и обврските на сите учесници во градежништвото ќе бидат јасно регулирани, со пропишани санкции во случај на прекршување на законот.

    Ако се погледне сегашната постапка за добивање градежна дозвола во Хрватска или ако се земе предвид девастираниот јадрански брег со стотици илјади дивоградби (според некои експертски проценки, до милион, пишува Вечерњи Лист), целите делуваат преамбициозно, но ако се реализира планираната реформа, која ја турка хрватскиот вицепремиер и министер за просторно планирање, градежништво и државен имот Бранко Бачиќ со донесување нови Закон за градење, новиот Закон за просторно планирање и измените на Кривичниот законик, дивоградбата  ќе стане кривично дело.

    Со оваа реформа во Хрватска треба да ја започне најжестоката борба досега против дивоградбата и да воведе ред. „Со овие законски измени, сакаме да обезбедиме поефикасно просторно планирање и поедноставна градба, а во исто време посилно да го заштитиме просторот од уништување. Постапките ќе бидат појасни, побрзи и подостапни за граѓаните и инвеститорите, а државата конечно ќе има ефикасни алатки за справување со нелегалните градители“, вели рече министерот Бачиќ.

    Илјадници нелегално изградени куќи, станови и вили остануваат нерешлив проблем бидејќи постапките за рушење или санкционирање се бавни и неефикасни. Кривичното гонење беше можно само ако градбата се вршеше во природен парк, национален парк или поморски домен. Сè друго беше сведено на прекршочна или административна постапка. Ова сега се менува. Постапките околу нелегалната градба ќе ги преземе Државното обвинителство (DORH). Ова предвидува посериозни санкции, од условни казни до затвор, со посилен ефект на одвраќање.

    Пораката е јасна: правилата треба да важат за сите, а оние што градат легално повеќе не треба да гледаат како нивните соседи се снаоѓаат поевтино и побрзо затоа што ги игнорираат прописите.

    Една од клучните реформи се однесува на просторното планирање, фундаменталниот процес што одредува каде и како може да се гради. Досега, просторните планови беа неконзистентни, честопати застарени и изготвени на хартија. Локалната самоуправа имаше ограничени опции, а целиот процес траеше со години, што создава неизвесност и простор за манипулација. Новиот закон носи дигитализација и стандардизација. Плановите ќе се изготвуваат преку платформата ePlanovi, а се воведува и BIM модел – дигитален 3D поглед на зграда што истовремено ги прикажува плановите на катовите, пресеците и енергетските карактеристики.

    Дополнително, се воведува забрана за поделба на туристичките зони, што значи дека хотелите и станбените комплекси повеќе нема да можат да се делат на десетици посебни станови што завршуваат на пазарот. Ова ќе внесе ред во станбениот развој на крајбрежјето.

    За да добијат градежна дозвола, инвеститорите досега лично собираа документи од разни институции – ХЕП, Водоопскрба, Хрватски води и чекаа со месеци. Новиот закон носи пресврт: сè оди онлајн преку системот е-Дозволи. Проектантот, а не инвеститорот, ја поднесува апликацијата дигитално. Самиот систем испраќа барања до надлежните органи, а доколку не одговорат во рокот – се смета дека дале согласност. Работата што би траела до една година сега треба да се скрати на 30 до 60 дена, а архитектот ќе може да ја поднесе апликацијата онлајн со неколку кликања.

    Новиот закон воведува и задолжителен увид на лице место, што значи дека пред издавање дозвола, службено лице излегува на парцелата и ја проверува состојбата. Доколку некој се осмели да започне со градење темели без дозвола, тоа се евидентира и се покренува постапка.

    (Фото: Glas Istre)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично