Комисијата за хартии од вредност (КХВ) донесе Решение, со кое на Финансиската агенција ФИНА (FINA) од Република Хрватска ѝ се дава согласност да стекне квалификувано учество во Македонска берза АД Скопје, односно индиректно преку Zagrebacka burza d.d да се стекне со акции чиј вкупен кумулативен износ не надминува 30% од вкупно издадените акции со право на глас од Македонска берза АД Скопје.
ФИНА, чиј единствен основач и содружник е државата Република Хрватска веќе има добиено согласност од хрватскиот регулатор ХАНФА да се стекне со директно квалификувано учество во Zagrebacka burza d.d. Доколку понудата за преземање биде успешна FINA може директно да стекне 50% +1 акција во Zagrebacka burza d.d. а со тоа и индиректен удел од 14,99% во Македонска берза АД Скопје. Ако FINA стигне до максимален удел од 100% во Zagrebacka burza d.d., со тоа индиректниот удел во Македонска берза АД Скопје ќе биде до 29,98%.
Финансиската агенција ФИНА работи под ова име од јануари 2002 година, но зад себе има половина век долга деловна традиција. Таа е наследник на Агенцијата за плаќања (ZAP), или уште постарата Служба за општествено сметководство (SDK) на Република Хрватска.
Службата за општествено сметководство, која во поранешната држава имала ексклузивно право да извршува домашни платежни трансакции, еволуираше во Агенција за плаќања во 1993 година. ZAP се подобри во технолошки и организациски поглед, одржувајќи монопол во областа на плаќањата до 2002 година. Исклучително високото ниво на задоволство на клиентите и исклучително позитивните критики од домашни и странски институции придонесоа ZAP да стекне врвен углед на финансискиот пазар.
Аналитика








