
Долг од 144,2 милиони евра имаат фирмите коишто навреме не ги платиле давачките што произлегуваат од данокот на додадена вредност. Износот зафаќа високи 74,9 отсто од вкупните ненамирени сметки, од над 192,6 милиони евра.
Состојбата се однесува на обврските што, и покрај крајниот рок (30 септември 2025), останале неисполнети до последниот ден од минатата година. Во споредба со претходната должничка листа (бр. 12/2025), долгот е повисок за навидум незначителни 1,1 насто. Во апсолутен износ – за 1,6 милиони евра. Неплатениот ДДВ и натаму е најкритичната точка во даночната дисциплина.
P.A.R.I – AI: Паметен аналитички репортер на информации на „Пари“
Податоците за најголемите должници, за промените кај неплатените износи, како и за градовите каде што се создаваат и таложат ДДВ-обврските се застапени во оваа анализа што ја направи Пари во соработка со Бизнис мрежа.
ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ТРЕТИНА ОД ВКУПНИОТ ДОЛГ ГО НАПРАВИЛЕ 10 ДОЛЖНИЦИ
Безмалку 38 насто од вкупниот долг е направен од десет компании. Најголемите должници, барем засега, го заобиколуваат плаќањето на вкупно доспеаните 54,4 милиони евра. Тоа е за 400 илјади евра повеќе во однос на сумата предвидена за намирување до ланскиот 31 август.
Од врвот не се поместуваат Хант Осој Трејд со долг од 14 милиони евра, како и Окитна Трејд, чиј долг благо е зголемен од 13,8 на 13,9 милиони евра. Споредено со претходниот пресек, зголемување има кај две струмички компании. Долгот на Дианита пораснал од 5 на 5,2 милиони евра, а на Минтикос Текстил од 2,6 на 2,7 милиони евра.
Кај останатите компании од топ десетте – Пине Груп, Грофлер ЛТД, СГСМ – Оил&Гас сервис и Абира Плус – долговите остануваат на исто ниво. Кај нив не дошло ниту до раздолжување, ниту до дополнително акумулирање на обврските. Токму стабилноста на високите милионски суми е своевиден индикатор за слабиот ефект на мерките за наплата кај најголемите даночни должници.

Извор: Бизнис Мрежа
ПО СКОПЈЕ, СЛЕДУВА СТРУМИЦА
Регионалната распределба на ДДВ-долгот покажува дека товарот е концентриран во неколку градови. Нередовните плаќачи го направиле Скопје апсолутен должнички лидер со износ од 86,3 милиони евра (за 800 илјади евра повеќе од претходните 85,5 милиони евра). Тоа, пак, значи дека речиси две третини од вкупниот ДДВ-долг во државата е создаден во главниот град.
Голема е разликата меѓу Скопје и второрангираната Струмица со 12,3 милиони евра, каде што нивото на долгот е минимално зголемено (12,2 милиони). Поголемо должничко поместување има во Куманово. Долгот се зголемил од 6,7 на 7,2 милиони евра. Нивото на задолженост го сочувале фирмите од Тетово и од Неготино (6,4 милиони евра и 5,8 милиони евра).
Во Охрид и Гостивар се забележува извесно намалување на долгот, но тие и натаму се меѓу градовите со најголеми неплатени износи.

Извор: Бизнис Мрежа
Неплаќањето на ДДВ директно ја погодува државната каса. Компаниите го наплаќаат, но го оневозможуваат неговиот прилив по буџетските канали. Бројките и опстојувањето на хроничните ДДВ-должници покажуваат дека проблемот не се решава, туку постепено се продлабочува.
М.А.
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








