Ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“ до крајот на октомври треба да е видлива до секој од утврдените 73 прехранбени производи од составот на есенската кошница. Кај нивните цени треба да има извесно намалување под влијание на маржата која се ограничува до десет проценти.
На списокот, меѓу артиклите се млекото и млечните артикли, оризот, брашното, лебот бел и полубел, одделни пекарски производи (ѓеврек, бурек и банички со месо и сирење, симит погача, лисната кифла), тестенини, сончогледово масло за јадење, видови месо и сувомесни производи, јајца, овошје, зеленчук, зимница…
„Очекувам намалување за најмалку десетина проценти. Оваа мерка ќе трае некаде таму до крајот на октомври. Седумдесеттина производи се практично производи кои како резултат на овој закон се со намалени цени. Во периодот што следи ќе продолжиме да ја ажурираме оваа листа, во зависност на потребите на граѓаните. Ќе потсетам, производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на една анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи се најкористени во овој период од годината. Така ќе биде можеби и пред новогодишните празници, така ќе биде на пролет и цело време така ќе функционираме. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Граѓаните, за чии потреби е преземен овој чекор, реагираат дека трговците имаа доволно време уште повеќе да ги зголемат цените, пред да стапи во сила лимитираната маржа. Дури велат, „колку што се трговците безобразни, Владата треба ваквите мерки да ги објавува од денес за утре“.
Премиерот за тоа вели:
„Секој оној којшто се однесува шпекулативно, неморално и неетички ќе биде санкциониран“.
Освен маржата, трговците и на мало и на големо се обврзани да ги прибавуваат и продаваат посочените производи во месечни количини од минимум 70 отсто од августовските.
Онаа другата кошница, пак, синдикалната, во делот на храната ги потврдува укажувањата на граѓаните. Во септември е за 107 денари поскапа во споредба со минатиот месец, а во делот на храната и пијалаците има зголемување од дури 717 денари.
Минималната синдикална кошница тежи цели илјада евра, односно 61.306 денари. Толку му се потребни на просечно четиричлено семејство за задоволување на најосновните потреби.
Од ССМ изразуваат загриженост поради повисоките трошоци за храна и пијалоци. Месецов за тоа се потребни 23.034 денари, а во август – 22.317 денари.
„Тоа покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигураат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија“, нагласуваат од ССМ.
Според нив, 86 проценти од прехранбените производи и пијалаците застапени во минималната кошница, се наоѓаат и на владината листа за ограничени маржи. Оттаму и очекувањето – доколку мерката се почитува од страна на трговците, ќе се придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалоци на најранливите категории граѓани или на работниците со најниски примања.