Премиерната сезона на првото реално шоу за стартапи е пред самиот крај. Додека публиката ја очекува последната епизода во која се дознава победничкиот тим и идеја што ќе патува во Силиконската Долина, разговараме со Маја Наумоска Савеска, Директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД Скопје, генерален спонзор на The Founder Games.
Како генерален спонзор на The Founder Games, што значи ова реално шоу за вас и како го гледате неговото влијание врз стартап екосистемот во нашата држава? Што поконкретно ве поттикна да ја поддржите оваа иницијатива?
Халкбанк од секогаш бил поддржувач на бизнисот, особено на малите, средни и микропретпријатија бидејќи оваа категорија компании, иако се столбот на економијата, имаат најголем проблем кога станува збор за пристап до финансиските средства.
Стартапите пак, се многу значаен сегмент кој има огромен потенцијал да влијае на развој на економијата. И всушност многу светски познати, глобални компании започнале како стартапи.
Стартапите ги поттикнуваат иновациите и напредокот во секој сегмент од економијата преку решавање на предизвиците или измислување нови начини на работа. Тие ја водат дигиталната трансформација на традиционалните индустрии и играчите на пазарот, со што се создава континуиран циклус на развој на таленти и, следствено, повеќе можности за вработување.
Иако бројот на успешни приказни во нашата држава е во постојан раст, сепак, интересот за инвестирање сè уште не е на задоволително ниво. Според анализата на ФИТР – „Connecting Macedonian Startup Ecosystem 2021“, повеќето стартапи се финансираат со лични заштеди на самите претприемачи. Како што се развиваат, полека се свртуваат кон надворешни инвестиции, бидејќи поголемиот дел од стартапите изискуваат дополнително финансирање.
Токму поради сево ова, Халкбанк, како голем поддржувач на бизнисот реши да се приклучи во подигање на свеста за можностите кои ги нуди стартапот, во што The Founder Games е од голема помош, како и за конкретна поддршка.
Kои се вашите лични впечатоци за претприемачите и нивното патување додека го следевте прикажувањето на The Founder Games?
Основен впечаток е дека во Македонија има маса на исклучителни таленти, млади луѓе, со идеи, на кои им е потребна поддршка.
Од инкубатори и акцелератори до програми за финансирање и настани за вмрежување, инфраструктурата за раст на стартапите во Македонија постојано созрева, поставувајќи ја основата за иден успех.
А The Founder Games е место кое ги обединува на некој начин сите потребни сегменти за обезбедување на што е можно побрз и поголем развој на Старт-ап индустријата.
Оваа платформа преку креативен и интерактивен концепт на реално шоу, го прикажува, подготвува и насочува развојниот пат на стартапите, со цел да им обезбеди можност за опстојување, потребен капитал и инвестиции, но и соодветни вештини кои им се несебично споделени од страна на искусните ментори.
Дали имате некои конкретни моменти од шоуто што ве импресионираа и сметате дека ќе имаат најголемо влијание врз младите претприемачи и гледачите кои размислуваат да започнат сопствен бизнис?
The Founder Games не е само реално шоу за претприемачи туку е и приказна за сите кои веруваат во силата на соништата и борбата за успех.
Убаво беше да се види како тимовите се борат, учат и напредуваат и да се добие
уникатна можност да се погледне „зад завесата“ на стартапите, да се видат сите емоции, дебати и одлуки што честопати остануваат неспоменати, што обезбедува подлабоко разбирање и апрецијација за процесот на претприемништвото и учење низ пример.
Веруваме дека ова ќе помогне во создавањето на нова култура на претприемништво која ги вреднува иновациите, ризикот и најважно – вербата во сопствениот потенцијал.
Претприемништвото не е само за избраните неколкумина со пристап до големи ресурси, туку за секого кој има сон и волја да работи напорно за да го оствари.