Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на Халк Осигурување АД Скопје му се дава одобрение за издавање осма емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда.
Емисијата е со цел зголемување на основната главнина на Друштвото со трансформирање на заем (субординиран долг) во траен влог преку издавање нови обични акции. Со оваа, основната главнина на Халк Осигурување ќе се зголеми од 15.500.000 евра на износ од 19.500.000 евра.
При зголемување на основната главнина на Друштвото за трансформирање на субординираниот долг ќе се издадат 400.000 нови акции кои ќе бидат во сопственост на единствениот акционер на Друштвото – Халк Банка АД Скопје.
Халк Осигурување врши зголемување на основната главнина со издавање нови обични акции од осмата емисија, заради постигнување на потребната адекватност на капиталот на Друштвото и создавање услови за непречено вршење на редовното работење.