ПОВЕЌЕ

    Гувернерот Славески се сомничи за „несовесно работење“ – СДСМ поднесе кривична пријава

    Време зa читање: 2 минути

    Поради сомнение за „несовесно работење во службата“, СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, соопшти генералниот секретар на партијата, Александар Саша Димитријевиќ.

    „Постои основано сомнение дека со несовесно постапување е предизвикана штета врз Буџетот и правниот поредок“, изјави Димитријевиќ, повикувајќи се на член 353-в од Кривичниот законик.

    Од партијата тврдат дека бил пробиен законскиот рок за предлог на вицегувернери, што, според нив, го довело во прашање функционирањето на Народната банка. Воедно, посочуваат – постојат индиции дека по истекот на мандатите на одредени функционери им биле исплаќани плати и тие продолжиле да носат одлуки во Советот на институцијата.

    „Овие одлуки ги прави правно спорни и ништовни“, рече Димитријевиќ, додавајќи дека од Обвинителството се бара да ги испита сите наводи и да покрене постапка, од која ќе се види „дали ќе постапува по закон или по налог“.

    Во меѓувреме, претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, изјави дека го анализира Законот за Народната банка за да утврди дали има прекршување во однос на непредлагањето кандидати за вицегувернери во законскиот рок. Таа посочи дека гувернерот е одговорен пред Собранието, но и дека, како предлагач, таа има право да предложи негово разрешување доколку се утврди прекршување на Законот.

    Случајот доби медиумско внимание откако Славески неодамна одби да одговори на новинарско прашање поврзано со мандатите на вицегувернерите, по што следуваа реакции од новинарските здруженија и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично