Приходите достигнаа 59,5 милиони евра, проследени со годишен раст од 10,9 насто, а нето-добивката е повеќе од двојно зголемена и изнесува 6,7 милиони евра. Ова се резултатите, неревидирани, на Групацијата Иуте од Талин, кои за подлога го имаат одработеното во првата половина од годинава. И, покажуваат силен и стабилен раст.
Станува збор за банкарската групација која обезбедува кредитирање, плаќања и посредување во осигурување на пазарите во Југоисточна Европа, во чии рамки дејствува Иуте Македонија.
„Иуте продолжува сигурно кон патот на реализација на визијата да стане целосно дигитална банка на сите пазари на коишто делува. И покрај макроекономската нестабилност и силната конкуренција, направивме значаен напредок и сме на добар пат да ги исполниме зацртаните цели за приходи и нето-добивка до крајот на годината”, вели извршниот директор на Групацијата, Тармо Силд.
Во текот на шестмесечниот период базата на клиенти ја одржала стабилноста и брои 260.000 активни клиенти. Истовремено, како што се посочува, индексот на отплата CPI30 се подобри од 86,4 (пред една година) на 87,9 проценти. „Секое подобрување на CPI30 за еден процентен поен е еднакво на приближно 1 милион евра во дополнителен паричен тек на 100 милиони евра портфолио на кредити“, објаснуваат од Иуте.
Растот на групацијата бил поткрепен и со зголемување на ефикасноста од дигитализацијата. Како пример се наведува дека во небанкарскиот бизнис целосно автоматизираните кредити учествуваат со 30,5 отсто од сите нови исплати.
Покрај кредитирањето, уше поголем интензитет добиле платежните и осигурително-брокерските услуги.
„Во првата половина од 2025 година, Иуте ја прошири својата понуда за осигурување со почетокот на партнерствата со Allianz и GrECo. Приходите од овој бизнис сегмент речиси се дуплираа во однос на претходната година, придонесувајќи за диверзификација на приходните текови, дури и надминувајќи го растот од примарната кредитна дејност“.
Во јуни, Групацијата Иуте успешно го заврши предвременото рефинансирање на својата евро-обврзница за 2021/2026 година. Паралелно со тоа, компанијата издаде нови обврзници со висок степен на обезбедување кои доспеваат во 2030 година, со вкупен обем од 140 милиони евра, надминувајќи ја почетната цел од 125 милиони евра. Новите обврзници со годишна каматна стапка од 12 проценти беа котирани на берзите во Талин и Франкфурт.
Воедно се истакнува дека во јули, од меѓународната рејтинг агенција Fitch Ratings е потврден долгорочниот кредитен рејтинг на Iute Group на B- со стабилна перспектива и го додели истиот рејтинг на новите обврзници за 2025/2030 година.
„Голем исчекор оваа година беше доделувањето на официјална лиценца за издавање електронски пари и вршење платежни услуги на IutePay Македонија, лиценца со која Иуте Македонија го заокружува еко-системот на услуги, откако по кредитирањето како примарна дејност, неодамна влезе и во осигурително-брокерскиот пазар, со започнување на работата на Iute Safe.
Ова е уште една потврда на заложбата на групацијата и нејзините членки на имплементирање на последната технологија, дигитални решенија, брзина и флексибилност, овозможувајќи им на корисниците целосна контрола преку мобилни и онлајн платформи и обезбедување на целосно дигитални решенија за плаќања“, велат од Иуте.
Притоа, нагласуваат дека Иуте ќе продолжи посветено да работи на раст на активни клиенти во наредните квартали, преку вложување во капитал, технологија и експертиза, како и создавање на услуги кои ќе креираат дополнителна вредност на клиентите.