Прилепскиот Мермерен комбинат оди целосно во сопственост на грчкиот Долит Инвестменс. За ова информираат од Комбинатот преку известувањето доставено до Македонска бераза.
„Мермерен Комбинат АД Прилеп е известен дека Долит Инвестментс АД, согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва на РСМ, има намера да даде понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Мермерен Комбинат АД Прилеп“, наведено е во денешното соопштение.
Долит Инвестментс АД е основано од едно лице, а регистриран е во Грција. Основната дејност е инвестирање во мали и средни фирми од секторот на природните ресурси, енергетиката и минералните суровини. Дел е од ЕЦМ Групацијата, каде доминира ЕЦМ Партнерс
Инц. Друштвото е регисгтрирано во Словенија, а се занимава со инвестициски менаџмент, управување со фондови и со инвестициски ризици. Се вбројува меѓу првите и најголеми учесници на овој пазар на територијата на Централна и Југоисточна Европа.
Во јануари годинава Комисијата за заштита на конкуренцијата објави известување за концентрација, односно дека Долит Инвестментс ќе стекне контрола над Павлидис АД Мермер – Гранит Грција. Притоа, се посочува дека „стекнувачот пред реализацијата на трансакцијата не е директно ниту индиректно присутен на македонскиот пазар“.
Што се однесува до Павлидис АД Мермер, тоа е холдинг чии друштва-ќерки делуваат во доменот на минералните суровини. Всушност, едно од целните друштва е присутно на нашиот пазар преку прилепскиот Мермерен комбинат.
Комбинатот има долгогодишна традиција, постои од 1946 година, а прилепскиот сивец е етаблиран на светските пазари. Се работи на пет каменоломи кои се дадени под концесија на долги временски периоди. Како што е наведено на нивната интернет страница, се користи околу 30 отсто од концесиската површина од 2,19 километри квадратни, со што тоа е и најголемата област за ископ на бел мермер во светот.
Инаку, десет проценти од акциите на Мермерниот комбинат се тргуваат на Атинската берза (ATHEX), а на Македонската берза за хартии од вредност сетргува со 0,75 отсто од акциите.