ПОВЕЌЕ

    Граѓаните тргуваа на берзата: Петок 13 со 333 трансакции и промет од 912 илјади евра

    Време зa читање: 3 минути

    Промет од над 912 илјади евра остварен преку 333 трансакции се резултатите кои упатуваат на успешно завршен „Инвеститорски ден“, што по петти пат го организира Македонска берза. Граѓаните ја искористија дадената можност за бесплатно играње со акции.

    „На денешниот ‘Инвеститорски ден’ на Берзата се склучија вкупно 333 нормални трансакции што претставува најголем број склучени трансакции во еден ден на тргување во 2024 година. Вториот најголем број на трансакции на дневно ниво оваа година изнесува 228 трансакции во БЕСТ системот, додека просечниот дневен број на трансакции е 88“, информираат од Македонска берза.

     

    Прометот од над 56 милиони денари е за повеќе од 53 повисок во споредба со минатогодишиот настан. А, во текот на денот во БЕСТ системот на Берзата биле внесени 567 налози за тргување, што исто така се издвојува во однос на состојбата што на дневна основа се прикажува од почетокот на годинава.

    Ефектите од петтиот „Инвеститорски ден“ се високи и се доближуваат до остварувањата од времето кога бил организиран првиот ваков настан, но досега не се надминати. Рекордите остануваат во 2020 година: склучени 339 трансакции; вкупен промет поголем од еден милион евра; евидентирани 620 налози за тргување. Тогаш граѓаните тргуваа со акции на 18 септември.

    Тринаесеттиот ден од овој месец како инвеститорски се утврдува во 2021 година. Во тој втор обид за анимирање на домашните индивидуални инвеститори биле склучени 262 трансакции и постигнат промет од 640.000 евра. Во 2022 се забележани 242 трансакции и вкупен промет во БЕСТ системот од 516.000 евра. Лани, пак, се зборуваше за 207 трансакции и за промет поголем од 595 илјади евра.

    Инаку, настанот е можност што еднаш годишно им се дава на граѓаните – да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и кон банките и брокерските куќи како овластени пазарни учесници. Единствениот лимит е да се направи промет до 10 илјади евра.

    Како и досега иницијативата „Инвеститорски ден“ ја прифатија и активно се вклучија десетте членки на Берзата: Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Скопје, како и Централниот депозитар за хартии од вредност. Поддршка има и од Комисијата за хартии од вредност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично