Банките во државата располагаат со вкупни депозити од 570.298 милиони денари или 9,27 милијарди евра. На годишно ниво се зголемени за 11 насто, а месечната промена октомври-ноември е 0,9 насто. Движењата се главно стимулирани од штедачките навики на граѓаните. Истовремено, кредитирањето бележи раст по нагорна линија од 9,7 проценти, а минатот месец поместувањето е за 0,7 проценти, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Или, со ноември, вкупната кредитна поддршка е во износ од 481.410 милиони денари, односно 7,82 милијарди евра.
Кај секторот домаќинства, според ноемврискит извештај на Народната банка, забележан е месечен раст на депозитите од 1,9%, додека годишниот е 13,3%/. А, произлегува од зголемените депозитни пари и долгорочните депозити. Притоа, на нивните сметки има вкупно 381.857 милиони денари, што е еднакво на 6,2 милијарди евра.
За еден месец кредитите одобрени на населението се зголемени за 0,7% како резултат на речиси подеднаков раст на кредитите во странска валута и во денари. На годишно ниво се работи за дополнителни 8,2%, каде што доминираат задолжувањата во денари. Сумата со која се задолжени граѓаните е 246.867 милиони денари (над четири милијарди евра).
Најактуелните – потрошувачките кредити, достигнуваат износ од 127.183 милиони денари или нешто повеќе од две милијарди евра. Месечниот раст е 0,7%, а годишниот 7,3%.
За решавање на станбеното прашање се употребени 92.301 милион денари (1,5 милијарди евра). Кај нив двиѓењата се 1,2% месечно и 11,6% годишно.
Во ноември се намалени за 0,7% автомобилските кредити, но на годишна основа растат за 10,8%. Кредитите одобрени на кредитни картички забележаа месечен и годишен пад од 1,0% и 9,2%. А, пак, на двете нивоа се намалуваат минусите направени преку тековните сметки (4,7% и 4,8%) и кредитите одобрени врз други основи (0,3% и 14,3%).
Во вкупните депозити, корпоративниот сектор учествува со 162.168 милиои денари (2,63 милијарди евра). Во ноември овде има пад од 0,6%, поради намалувањето на депозитните пари и краткорочните девизни депозити. Годишниот раст изнесува 7,0%.
Кредитите на компаниите во ноември минатиот месец се зголемени за 0,8%, што се должи на повисокото кредитирање, пред се во денари. На годишна основа растот е 11,5%. Кредитната поддршка дадена од банките е во вкупен износ од 232.121 милион денари или 3,77 милијарди евра.