ПОВЕЌЕ

    ГРАДЕЖНИЦИТЕ ЈА ГУБАТ БИТКАТА ВО СТРАНСТВО: Пред 10 години „изѕидале“ 48,3 милиони, а лани само два милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Вредноста на извршените градежни работи, минатата година била два милиони евра. Тоа е за 37 отсто помалку отколку во 2024 година. За жал, податоците покажуваат дека трендот на намалување на нашиот градежен извоз ќе продолжи и наредната година. Вредноста на договорените градежни работи во 2025 година изнесувала 2,5 милиони евра, а тоа е дури 58,7 отсто помалку отколку во 2024 година.

    Порталот „Пари“ ги консултираше познавачите во градежништвото, зошто се случува овој тренд? Одговорот е дека во Македонија има градежна експанзија, како во однос на приватни инвестиции во станбени згради, така и во јавни инвестиции, каде што македонски компании се вклучени како подизведувачи во градењето на патната инфраструктура. Покрај поголемата вклученост на домашните компании во домашното градење, и самите градежни компании го немаат некогашниот капацитет за да работат во странство, а недостига и работна сила. Нашите работници повеќе се одлучуваат самостојно да одат како градежници во други земји и таму да работат за странските комапнии, отколку да работат за наши компании на терен во друга земја.

    ГОЛЕМИТЕ БРОЈКИ ЗАВРШИЈА СО ГРАДЕЊЕТО ВО БОСНА

    Порталот „Пари“ ги разгледа податоците од Држвниот завод за статистика и дојде до сознание дека во 2015 година вредноста на извршените градежни работи во странство изнесувала 48,3 милиони евра, за разлика од минатогодишните 2 милиони. Податоците покажуваат нагол пресврт во 2019 година, кога од 20,8 милиони евра во претходната година се извршени градежни работи за само 4,5 милиони. Во 2020 година продолжува големиот тренд на намалување на градежните активности во странство. Бројката речиси се преполовува – тогаш нашите компании создале градежна вредност од 2,4 милиони евра. Но, никогаш немало толку мал обем на реализирана вредност како минатата година!

    Ако, пак, се анализира од каде доаѓаат големите бројки меѓу 2015 и 2018 година, одговорот лежи во градежните активности што сме ги имале во Босна и Херцеговина. Тамошните градежни активности се припишуваат на „Гранит“ кој учествуваше во изградбата на автопатот меѓу Бања Лука и Добој.

    Еве што покажуваат податоците за реализрани градежни работи во Босна и Херцеговина.  Во 2015 година градежните работи вределе вкупно 31,7 милиони евра. Во 2016 година нивната вредност била 34,5 милиои евра, во 2017 година – 21 милион. Понатаму, во 2018 изнесувале 15,8 милиони, во 2019 – 1,4 милиони, за во 2020 година да се намали на 286,7 илјади евра, а наредната година со мал раст да достигне 313 илјади евра. Во 2022 година нема реализација, во 2023 година е неполни 48.000 евра, а во 2024 година опадна на околу 12.000 евра. Минатата година повторно била зголемена градежната активност во Босна и Херцеговина со финансиско остварување од околу 600.000 евра.

    КАДЕ ГРАДИМЕ СЕГА?

    И минатата година, со реализацијата од 600 илјади евра Босна и Херцеговина останала земја каде што најмногу граделе нашите градежници. Следува Албанија, каде што вредноста на изграденото носи 454.000 евра, а на трето место, изненадувачки, е Шведска. Во тамошното градење сме учествувале со проекти од околу 292.000 евра. Во другите земји, македонскиот удел во градежните активности се мери само во дестици илјади евра.

    Во периодот од 1950-тите до 1980-тите години, во рамките на СФРЈ, југословенските компании – меѓу нив и македонските – го живееја златното време на меѓународниот градежен пазар. Македонски инженери и градежни фирми, како дел од тогашните југословенски компании и корпорации учествуваа во крупни проекти во Кувајт, Ирак и Русија. Тоа беа најсилните години на некогашните „Пелагонија“, „Гранит“… По распадот на Југославија, македонските градежни фирми главно се пренасочија кон регионалниот пазар.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично