Пензионерите ќе ги добијат ветените пет илјади денари линеарно зголемување, но не од милијардата евра која е наменета за капитални проекти. Пари за пензиите ќе се обезбедат на друг начин, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која првото соочување со новинарите и медиумите го има со Горан Теменугов во поткастот „Каде се парите?“
Веќе во септември сите пензионери ќе добијат по 2.500 денари, а потоа уште толку во март или можеби во првиот, или меѓу првиот и вториот квартал од 2025. Тоа значи дека нема да ги добијат процентите за усогласување, вели минстрката, затоа што ќе добијат многу повеќе.
„До крајот на 2025 ќе нема друга корекција. Потоа ќе видиме со каква методологија ќе продолжиме, дали на истиов начин или ќе ја менуваме методологијата. Ќе видиме. Дотогаш многу работи ќе бидат јасни“, посочува Димитриеска-Кочоска.
За актуелната состојба со пензиите, врз база на согледувањето на податоците од Министерството за финнсии, вели – недостасуваат пари.
„Еве што ми дадоа од Секторот за буџет – во Фондот за пензиско осигурување, во средства за исплата на пензии недостасуваат 2,5 милијарди денари. Значи, ништо да не се смени до овој момент, СДСМ и ДУИ имаа предвидено 2,5 милијарди денари помалку за пензии. Што значи тоа, ќе им ги кратеа пензиите или што ќе правеа? Значи, ќе требаше да ги дополнат. Тоа се 40 милиони евра“.
Укажува дека покрај тој изос што го нема, потребни се уште 40 милиони евра за да се исплатат по 2.500 денари на секој пензионер. Но тврди, за идната година нема да бидат потребни 320-330 милиони евра на годишна основа, за оваа намена.
„Пари ќе најдеме, тоа е сигурно. Но, нема да се толку пари. Годинава до март имавме пензии со една корекција. Од март до септември имаме втора корекција. Значи, и да не беа овие пет илјади денари, повторо ќе имавме некоја корекција. Не можеме да зборуваме за пет илјади денари како ништо да не се сменило, како да нема да се смени. Ние треба да ја видиме разликата помеѓу тоа што требале да го добијат и тоа што ние им го даваме. Треба да бидеме чесни. Ќе имаме зголемување, да, но не е толкаво“, потенцира министерката.
Притоа, додава дека треба да се минусира процентуалното усогласување во март и септември. Иако се работи за голема сума, нагласува дека, сепак, мора да се исправи неправдата што им е нанесена на пензионерите.
„Никој не вели дека сумата не е голема. Меѓутоа, не смееме да заборавиме дека пензионерите имаа голема неправда во годините претходно. Во оние години кога им се коригираше пензијата само по едниот основ, кога го избришаа другиот, па потоа го вратија, па Корона криза… куп работи поминаа. Да не заборавиме лекарствата колку им се поскапени, да не заборавиме струјата колку поскапе, да не заборавиме трошоците за живот колку поскапеа… И, сметам дека ова е исправање на една голема неправда која им беше направена минатите години“.
На забелешката дека исправањето на таа неправда значи 43 отсто од буџетот да се слеат во ПИОМ као директна дотација, Димитриеска-Кочоска одговара:
„Заборавате еден момент. Придонесите што ги исплаќа приватиот сектор, пензиското, оди во Пензискиот фонд. Колку има луѓе што работат на црно, колку има луѓе што работат со многу пониски плати од реалните и остатокот го примаат во готово. Сива економија. Сега има политичка волја и тоа ќе го смениме“.
Категорична е во тврдењето дека постои огромна политичка волја за борба со сивата економија:
„Значи, кога сме се согласиле за пет илјади денари пензијата да ја зголемиме, прво сме си пружиле рака внатрепартиски, сме си кажале дека мора да расчистиме со тој дел и дека имаме политичка волја. И многу ни е драго што не само кај нас, и во ВЛЕН, и во ЗНАМ, расположението е на највисоко ниво“.
За тоа како самата ќе одговори доколку премиерот или некој друг побара да „олабави“ малку, со сигурност вели:
„Министерство за финансии работи со пари, не со политика. Не сакам многу да зборувам за себе, обично велам дека делата треба да покажат. Едно нешто треба да знаете – никогаш нема да ми каже премиерот, верувајте. Ако јас верувам во правда и во закон, и во чесност и во транспарентност и законот да важи за сите, тој трипати повеќе од мене верува. Немајте дилема дека нема да се поместам ни за милиметар“, вели во првото интервју реализирано неколку часа по преземањето на функцијата министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска