Google ја загуби жалбата против европската антимонополска одлука за парична казна од 2,42 милијарди евра, со која се пресуди дека американскиот технолошки гигант ја злоупотребил својата позиција на штета на ривалите. Судот на правдата на ЕУ во Луксембург во средата го отфрли правниот приговор на компанијата на одлуката на Европската комисија од 2017 година.
Оваа пресуда, која најверојатно ќе биде обжалена, е прва одлука на европските судови во врска со антимонополскиот случај против Google, пренесува Financial Times. Google објави дека пресудата се однесува на „многу специфичен збир на факти“ и дека направил прилагодувања во согласност со одлуката на ЕК од 2017 година.
Комисијата го казни Google по седумгодишна истрага, кога заклучи дека компанијата ја злоупотребила својата доминација во пребарувањето со тоа што „незаконски“ давала предност на сопствената услуга за онлајн купување. ЕК оцени дека Google им го ускратил правото на други компании да се натпреваруваат. Google ја отфрли оваа оцена како неточна.
Тужбата против Google ја поднесе Шиваун Раф, ко-основач на сега непостоечкиот пребарувач. Раф ја поздрави одлуката на судот, но истакна дека таа не ја поништува значителната штета на потрошувачите и антиконкурентноста предизвикана од „подмолните практики на манипулација со пребарување“ на Google повеќе од една деценија.
Гугл исто така оспорува уште две казни од повеќе милијарди евра за наводно антиконкурентно однесување. Компанијата е обвинета дека ја злоупотребила својата доминација во оперативниот систем Андроид и наводно ги принудувала корисниците да се префрлат на нејзините услуги. Гугл е казнет со 1,5 милијарди евра поради блокирање на конкуренцијата на пазарот на онлајн реклами.