Автор: Мирче Јовановски
Доколку струјниот ценовен удар предизвика колапс кај голем број стопански субјекти, тогаш, тоа ќе има домино ефект врз државниот буџет, но и зголемување на процентот на лоши кредити кај банките
Цената на електричната енергија може да предизвика „струен“ домино ефект врз целата економија доколку нешто не се случи или пак не се преземе во наредниот период. На ова веќе подолго време укажуваат домашните стопанственици, но исти пораки стигнуваат и од други европски држави.
Дали во тоа може да помогне „операцијата термометар“, односно сетот мерки и препораки кои ги донесе Владата, а кои стапуваат на сила од четврток, 1 септември, ќе се види веќе за месец-два. Но, уште сега може да се констатира дека тоа не може да биде волшебното стапче анулирање на негативните ефекти од секојдневниот пораст на цените на енергентите и буквалното дивеење на светските берзи, кои според многу економисти немаат никаква пазарна логика.
Целта е намалување на потрошувачката на електрична енергија. За граѓаните, за фирмите и за локалната самоуправа се во вид на препораки, додека за државните институции и компании се конкретни задолженија кои мора да се испочитуваат – во спротивно ќе има санкции. Мерките и препораките ќе важат до 31 март наредната година.
Во очекување на најтешката зима која се најавува, морници среде лето ги „лазат“ граѓаните и компаниите. На црните предвидувања во прилог им одат не само досегашните случувања, како здравствената криза, прекините во синџирите на снабдување, инфлацијата и војната во Украина туку и актуелните проблеми кои само се таложат – сушата во поголемиот дел на Европа, но и бурите кои однесоа и човечки живот и кои имаат и големи економски последици.
Најгорлив останува проблемот со енергентите и со нивната цена. Ќе ги има ли доволно, ќе можат ли да се платат? Ова прашање ги измачува сите потрошувачи, поединци, домаќинства, мали и големи фирми…
Од еден дуќан, сeмеен бизнис, кој произведува слатки и егзистенцијата ја обезбедуваат седум семејства, велат дека наместо досегашната сметка за струја која изнесувала околу 500 евра, сега треба да платат 1.300 евра, иако во меѓувреме се префрлиле на регулираниот пазар и преземале мерки на штедење – инвестирале во енергетски ефикасни уреди. Велат, ако продолжи вака, нема никаква економска логика да се продолжи со работа. А, зимата допрва доаѓа, а со тоа и зголемената потрошувачка.
Овој пример не е единствениот. Меѓу стопанствениците се споменува кумановска фирма која добила десеткратно поголема сметка. Од Стопанската комора на прес-конференција минатата недела исто така проблемот со цената на електричната енергија го илустрираа со конкретен пример за компанија членка на Комората. Иако во јули годинава компанијата потрошила помалку струја од истиот месец лани, сегашната сметка е речиси шестпати поголема во однос на ланската. Или ако минатата година за потрошената електрична енергија платиле околу 1 милион денари, сега „цехот“ е 6 милиони денари.
Како им е на компаниите кои што се на слободниот пазар не треба ниту да се споменува. Првиот човек на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, вели дека „компаниите се веќе на пат кон пропаста“. Цената на струјата денеска беше над 800 евра за мегаватчас, а за испораките во четвртиот квартал е преку 950 евра за MWh со тендеција да се зголемува и натаму.
Кој бизнис-сектор ќе го издржи ова и до кога, е прашањето кое што сѐ погласно го поставуваат стопанствениците.
Старите знаат да кажат „од лошо има и полошо“. Ако е ова „лошото“, што тогаш би можело да биде „полошо“?
Кога во некоја земја ќе пропадне една или неколку фирми, тогаш последиците можат да бидат и поголеми, доколку станува збор за поголем капацитет, вработува многу луѓе, или пак, врзува околу себе повеќе други споредни дејности, добавувачи и сл. Но, генерално, стопанството во целина може да го амортизира таквиот потрес и во зависност од пазарот, бизнисот и вработените да го преземат други, поуспешни компании.
Во сегашнава ситуација, опасноста е многу поголема и се заканува со несогледливи последици. Доколку овој „струен удар“ предизвика колапс кај голем број стопански субјекти, тогаш тоа ќе има и домино ефект и врз државниот буџет, поради неможноста да се плаќаат давачките за вработените, данокот на добивка, придонеси и слично. Тоа, пак, ќе ја намали способноста државата да креира мерки за помош на оние на кои им е потребна, имајќи во предвид дека можноста за дополнителни поголеми задолжувања е веќе истрошена.
Компаниите и вработените исто така, користат банкарски кредити, па доколку црните прогнози почнат да стануваат реалност, тогаш ова цунами ќе се прелее и на финансискиот сектор, со зголемување на процентот на ненаплатливи кредити и дополнително воздржување за финансирање од страна на банките.
Иако од бизнис асоцијациите велат дека проблемите кај нас се неколкукратно поголеми бидејќи компаниите плаќаат четири-пет пати поскапа струја од земјите производители, и со тоа губат на конкурентноста, информациите велат дека и таму не цветаат рози. Така, поради зголемените трошоци во Австрија стравот од затворање расте кај претприемачите. Истражувањето на Здружението на трговци на мало покажува дека 42 отсто од австриските трговци очекуваат големи загуби, а 14 отсто стравуваат од затворање на нивната компанија.
Сѐ погласни се барањата да се лимитира цената на електричната енергија, предлог што дојде од белгискиот премиер Александар де Кро, кој најави дека ќе бара на ниво на ЕУ да се ограничи растот на цените на струјата и гасот, кои достигнуваат досега незамисливи нивоа и што наиде на поддршка од Австрија, но и од други земји. И во Франција сѐ погласно се зборува дека зголемувањата ќе бидат ограничени наредната година…
Дека нашата земја е енергетски зависна, тоа го знаат и врапците – целосно сме зависни од увоз на нафта и на природен гас, а и со јаглен не стоиме која знае како – и оној што го имаме мора да се облагородува. Повеќегодишната суша и нерационалното управување со акумулациите оставија последици врз производството на струја од хидроелектраните. Она што го имаме на претек – сончевата енергија, е недоволно искористена. И покрај заложбите работите да се променат на подобро, информациите зборуваат дека поради недоволен административен капацитет, или поради нешто друго, целата процедура за добивање на неопходните дозволи за поставување фотоволтаици се одвива бавно.
Како и да е, цената на струјата и на другите енергенти веќе има сериозни последици, што се гледа и од корекцијата на прогнозите за раст и кај водечките европски економии. Тоа, пак, е исто така уште еден лош сигнал за македонската економија, која главно размената ја има токму со земјите од ЕУ. Ако кај нашите главни трговски партнери состојбата се влошува, тогаш и кај нас нема да биде подобро.
Целиот текст е достапен на линкот – независен.мк