ПОВЕЌЕ

    ГЛОБАЛНАТА ПОТРОШУВАЧКА НА ЛЕКОВИТЕ ПРОТИВ ДЕБЕЛИНА до 2028 ќе достигне 131 милијарда долари

    Време зa читање: 3 минути

    Повеќе од една милијарда луѓе ширум светот живеат со прекумерна тежина, а во иднина, до 2035 година тоа ќе биде проблем на над четири милијарди лица. Тоа се проценките, базирани на сериозни анализи, на Светската федерација за дебелина (WOF). Проценките, пак, на IQVIA Institute for Data Science покажуваат – глобалната потрошувачка на лекови против дебелина, од ланските 24 милијарди долари ќе достигне до 131 милијарда до 2028, а во раните 2030-ти и до околу 150 милијарди долари.

    Најновите предвидувања се засновани врз растот на производството, на потенцијалното проширување на употребата на лековите и на појавата на нови конкуренти. А, пред само една година опстојувала процената за идна продажба до најмногу 100 милијарди долари.

    „Многу е необично да се има лек што ја заробува имагинацијата на милиони луѓе“, изјавил за „Ројтерс“ Мајкл Клајнрок, виш директор за истражување во аналитичката фирма IQVIA Institute for Data Science. Па, нагласува, иако повеќето осигурителни компании не ги покриваат новите терапии со ниски партиципации, досега незабележан процент луѓе плаќаат сами или со помош на купони од производителите на лековите.

    Прогнозата дека на светско ниво потрошувачката на лековите за дебелина ќе се зголеми на 131 милијарда долари до 2028 година, претпоставува годишен раст од 27 насто. Тоа е повеќе од двојно од претходната проекција на IQVIA од 13 насто.

    Клајнрок смета дека достигнувањето на прогнозираните 131 милијарда долари ќе зависи и од тоа колку долго пациентите ќе останат на лекот, дали лековите се користат за лекување на други болести или дури и од развојот на нови модели за продажба директно до потрошувачите.

    Во таа насока, аналитичарите укажуваат на студиите, според кои овие лекови помагаат во спречување на итните и скапи случаи, како што се срцев и мозочен удар, или лекување на хронични состојби од типот на апнеја при спиење, што е еден од аргументите работодавачите и осигурувањето да плаќаат за нив.

    Токму дебелината може да го зголеми ризикот од развој на многу сериозни здравствени состојби – срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и одредени видови канцер, се предупредува во медицинското списание „Лансет“. На тоа се надоврзуваат алармантните податоци од Светската федерација за дебелина. Ако во 2022 со прекумерна тежина се соочувале околу 880 милиони возрасни и 159 милиони деца, до 2035 година тој проблем ќе биде реалност за повеќе од половината од светското население.

    Од WOF повикуваат државите да преземат мерки, затоа што во иднина овој проблем може да предизвика последици по економиите.

    Додека не се пронајде организиран пристап со кој ќе почне да се сузбива оваа сѐ помасовна појава, милиони луѓе ќе се обидуваат самите да се справат со вишокот килограми, посегнувајќи по лековите против дебелина. Што оди во прилог на фармацевтската индустрија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично