Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ направи значаен чекор во својата стратегија за глобално проширување откако официјално беше прифатена неговата обврзувачка понуда за инвестирање 349 милиони долари (300 милиони евра) во шпанската авиокомпанија „Ер Европа“. Овој договор не само што ја потврдува амбицијата на Турција да се позиционира како централна раскрсница што ги поврзува Европа, Азија, Африка и Латинска Америка, туку претставува и стратешка можност за отворање нови пазари и зголемување на туристичките текови кон Турција.
Од авиокомпанијата соопштија дека најголемиот дел од инвестицијата ќе биде реализиран преку зголемување на капиталот, а точниот процент на малцинскиот удел што ќе се стекне ќе се утврди по завршувањето на техничките и финансиските прилагодувања во фазата на затворање. Процесот се очекува да биде финализиран во рок од шест до дванаесет месеци, со услов да се добијат сите потребни регулаторни одобренија.
„Информирани сме дека обврзувачката понуда поднесена од нашата компанија е прифатена од „Ер Европа“, а процесот сега е насочен кон подготовка на трансакциската документација и започнување на официјалните процедури поврзани со заклучувањето“, се вели во соопштението на „Туркиш ерлајнс“ објавено на Платформата за јавно објавување на Турција (KAP).
Стратешката вредност на оваа аквизиција е повеќеслојна. „Ер Европа“, со седиште во Мадрид и силно присуство на трансатлантските рути, му обезбедува на „Туркиш ерлајнс“ стабилна порта кон Латинска Америка – пазар кој бележи континуиран раст на побарувачката. Истовремено, подобрената поврзаност меѓу Шпанија и Турција ќе придонесе за економски бенефити преку зголемен патнички и товарен сообраќај, како и со привлекување на поголем број туристи во Турција.
Иако во игра беа и други заинтересирани страни, како „Луфтханза Груп“ и „Ер Франс-КЛМ“, двете авиогрупации неодамна се повлекоа од преговорите. Во моментов, најголемиот акционер во „Ер Европа“ е семејството Идалго преку нивниот туристички конзорциум „Глобалија“ со 80% од акциите, додека „Интернешнал ерлајнс груп“ (IAG), сопственик на „Бритиш ервејс“ и „Иберија“, поседува 20%.
Аналитичарите сметаат дека овој потег на „Туркиш ерлајнс“ е логичен развој на амбициозната стратегија на авиокомпанијата за проширување на своето глобално влијание и зајакнување на позицијата на Истанбулскиот аеродром како еден од најважните меѓународни хабови во Европа. Доколку процесот се одвива според планот, инвестицијата во „Ер Европа“ ќе стане пример за тоа како преку стратешки партнерства се гради мост меѓу континенти, со економска добивка и зголемена конкурентност на светскиот авио-пазар.