ПОВЕЌЕ

    GLEY ИЗЛЕЗЕ НА БЕРЗА – Продадени и првите акции

    Време зa читање: 3 минути

    Денес се појавија на Берзата и веќе се истргувани првите 1.698 акции на „Свод Мастер“. Вложени се 1.018.800 денари или безмалку 16,6 илјади евра, забележано е во дневната берзанска листа со датум од 25 јуни.

    Инвеститорите добија можност да инвестираат во идниот развој на успешната компанија, во чии рамки е популарната стриминг платформа „Глеј“. Првата иницијална јавна понуда содржи 200 илјади обични акции. Номиналната вредност е сто денари, а продажната 600 денари за акција. Вкупната продажна вредност на емисијата е 120 милиони денари или, речиси два милиони евра. Јавната понуда ќе се смета за успешна доколку во предвидениот рок од 60 дена, доносно до 25 август, се запишат и уплатат најмалку 60 отсто од емисијата.

    Компанијата е прва што се одважи наместо во банкарските канали, средства за докапитализација да побара на отворено – на Македонска берза. Како што истакна извршниот директор и еден од основачите на „Свод Мастер“, Дарко Перушески, парите што ќе се обезбадат на овој начи ќе бидат инвестирани во раст на платформата и во создавање домашна продукција.

    Особено е важно што платформата е присутна во повеќе од 120 земји, затоа што ја користи и дијаспората, која нема друга можност на дигиталниот простор да следи програма на македонски и на албански јазик

    „Платформата постои четири и пол години. Има над 25 илјади активни месечни корисници. Целта е до 2030 година да стане доминантен видео стриминг сервис со 250 илјади регистрирани корисници и 100 илјади активни месечни корисници“ – подвлече Перушески, дополнувајќи дека засега „Глеј“ е во димензии кои претставуваат половина од големиот „Нетфликс“. Воедно, платформата има инсталирано над 40 илјади апликации на смарт ТВ и повеќе од 60 илјади на мобилните телефони и таблети.

    Покровител на понудата е брокерското друштво „Илирика Инвестментс“. Финансискиот аналитичар Кирил Куцулоски, на денешната презентација нагласи дека се „Свод Мастер“ е фирма што расте, а тоа и недостига на домашната Берза и на инвеститорите. Се финансира од претплати и од реклами, а предностите што ги овозможува вложувањето во оваа компанија се – видео стримингот е брзорастечки бизнис на глобално ниво (вкупните приходи за 2025 се проектирани на 119 милијарди долари, а до 2029 на 155 милијарди долари); „Глеј“ е локална платформа со светски карактер; лидер е во продукцијата на премиум македонска содржина. Исто така, истакна дека е можност за стратешки инвестиции во програма, технологија и маркетинг. Особено што рекламирањето ќе биде насочено кон сегментиран пазар, односно кон таргетираните потенцијални купувачи.

    Одлуката за настап на созревала извесно време, а подготовките почнале минатата година, кога „Свод мастер“, како еден од предусловите, се трансформирал во акционерско друштво. Исто така, нивна определба е транспарентното работење, па во тој контекст тврдат дека акционерите навремено ќе бидат информирани за активностите на компанијата. Во план е на првото акционерско собрание една четвртина, односно 25 проценити да бидат претставници на малите акционери. Воедно, доколку до 2030 работите се одвиваат во посакуваната насока, ќе стане реална и проекцијата за дивиденда од пет проценти.

    М.А.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично