ПОВЕЌЕ

    „ГЛЕЈ“ СО СИЛЕН ЧЕКОР НАПРЕД: Нов сојуз со М6 за дигитална и корпоративна едукација

    Време зa читање: 3 минути

    Во време на интензивни промени и потреба од постојано прилагодување кон дигиталната ера, компанијата Сводмастер АД Скопје – сопственик на првата македонска стриминг-платформа „Глеј“ – и М6 Едукативен центар го потпишаа својот прв заеднички чекор кон иднината. Стратешкото партнерство, официјализирано преку Меморандум за разбирање, претставува синергија на иновативната технологија и современиот образовен пристап, поставувајќи нови стандарди во начинот на кој се креира, консумира и споделува знаење и содржина на македонски јазик.

    Со оваа соработка, „Глеј“ се приклучува на проширениот едукативен екосистем на М6 – заедница составена од над 30 водечки компании што работат на развој на корпоративното учење, иновациите и личниот и професионалниот раст во деловното опкружување. Главната цел на партнерството е да се овозможи подлабока интеграција на дигиталната медиумска продукција со образовни содржини, при што се очекува зголемување на достапноста и влијанието на материјали на македонски и албански јазик.

    Првиот заеднички проект на оваа нова соработка е популарниот поткаст на М6 – „Чекор напред“, кој ќе добие ексклузивен простор на платформата „Глеј“. Покрај постоечките епизоди, ќе се развиваат нови формати како тематски серии, интерактивни поткасти, вебинари, менторски сесии и истражувачки проекти, со цел да се создаде квалитетна содржина што ќе ја премости теоријата со реалниот бизнис-свет.

    „Оваа соработка претставува значителен чекор напред во отворање на едукацијата кон пошироката јавност. Заедно создаваме дигитален простор за споделување на најдобрите практики и иновативни решенија со сите кои сакаат да направат чекор напред во својата кариера и живот“, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршна директорка на М6 Едукативен центар.

    Дарко Перушески, извршен директор и коосновач на Свод Мастер, посочи дека за нив е особена чест што стануваат дел од М6 Едукативниот центар и пошироката заедница на водечки компании чии достигнувања не се ограничени само на македонскиот пазар, туку се препознаени и на регионално и на глобално ниво. Тој нагласи дека со ова партнерство гледаат можност за заедничко креирање на нов, модерен едукативен дигитален простор во Македонија, кој ќе се темели на домашна, квалитетна продукција и ќе придонесе за подигнување на едукативниот стандард во земјата.

    Но, овој партнерски договор доаѓа во момент кога „Глеј“ веќе бележи значаен пресврт во своето делување – историскиот влез на Македонската берза преку иницијална јавна понуда (IPO). Со ова, Свод Мастер стана првата технолошка компанија во Македонија која одлучи капиталот за понатамошен развој да го побара на отворен пазар, наместо преку традиционалните банкарски канали. Инвеститорите добија можност да вложат во компанија со докажан потенцијал и силна визија, која ја создаде и разви платформата „Глеј“.

    „Ова е храбар, но логичен чекор. Средствата прибрани преку берзата ќе бидат директно инвестирани во развој на платформата и производство на квалитетна домашна содржина“, изјави тогаш Перушески.

    „Глеј“ постои веќе четири и пол години и има над 25.000 активни месечни корисници, а амбициозната цел е до 2030 година платформата да има 250.000 регистрирани и 100.000 активни корисници месечно.

    Во моментов, апликацијата „Глеј“ е инсталирана на над 40.000 смарт ТВ уреди и повеќе од 60.000 мобилни телефони и таблети, додека географската покриеност опфаќа повеќе од 120 земји, каде што особено значајна е улогата на дијаспората. За многумина во странство, „Глеј“ е единствениот начин за следење програма на македонски и албански јазик – нешто што ја прави платформата културно релевантна и глобално потребна.

    „Во моментов сме на ниво што претставува половина од капацитетот на гигантот ‘Нетфликс’, но имаме јасна и реална патека до самостоен успех“, додава Перушески, најавувајќи период на интензивен раст и проширување.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично