Зголемена е свеста и кај работниците и кај граѓаните во однос на (не)почитувањето на препораките и мерките кои се однесуваат за деновите додека трае топлотниот бран. До Здружението „Гласен Текстилец“ биле адресирани повеќе пријави од Скопје, Штип и Свети Николе.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека од Скопје и Штип во текот на вчерашниот ден имало пријави за градежни и за работници од јавни претпријатија.
„Гледаме да реагираме со Трудовиот инспекторат и за ослободување и на бремените жени, а за хронично болните Министерството за здравство сметаше дека нема потреба да бидат ослободени од работа, вели Ампева за МИА.
Таа додава дека е зголемена свеста кај работниците, но и на граѓаните кои пријавуваат работа на градежните работници на отворено. Таков пример имала вчера од страна на граѓани, кои реагирале дека градежни работници работат на објект, како и дека на терен се и работници од јавни претпријатија од Скопје.
„Граѓаните прашуваат каде да пријават, значи забележуваат дека се прекршуваат правата на работниците и работат на изложеност на сонцето, а се знае од колку до колку не смеат да работат. Многу ми е мило што самите се јавуваат на телефоните на Трудовиот инспекторат“, посочи Ампева, која додава дека во овој период имаат и добра соработка со инспекторите, кои веднаш реагираат на терен.
„Додека се вршени тие контролни надзори, можам да кажам дека се ослободени голем број бремени жени од текстилниот сектор, потоа има супер маркети, па и во здравствена установа. Но, интересно е дека при тие надзори најдени се и голем број непријавени работници. Така што овде имаме поопсежна работа на терен“, вели Ампева.