ПОВЕЌЕ

    ГЕРМАНИЈА ВО СООБРАЌАЕН ЗАСТОЈ: Масовен штрајк го парализира јавниот превоз

    Време зa читање: 3 минути

    Германија денеска се соочува со еден од најмасовните и најкоординирани штрајкови во јавниот превоз во последните години, откако синдикатот на транспортните работници „Верди“ повика на 24-часовна предупредувачки штрајк на работа во речиси сите сојузни покраини.

    Автобусите, трамваите и подземните железници во околу 150 општински транспортни компании останаа во депо, а штрајкот ги погоди сите покраини освен Долна Саксонија, каде што поради законската обврска за таканаречен „социјален мир“ правото на штрајк е привремено суспендирано. Најпогодени се големите урбани центри како Берлин, Хамбург, Минхен, Бремен, Штутгарт, Карлсруе и Фрајбург, каде што локалниот јавен превоз во текот на целиот ден е целосно запрен.

    Синдикатот „Верди“, кој застапува речиси 100.000 вработени во локалниот јавен превоз, го најави штрајкот откако разговорите со општинските и државните работодавачи минатата недела влегоа во ќорсокак. Барањата на синдикатот вклучуваат пократка работна недела, пократки смени, подолги паузи за одмор и значително повисоки додатоци за ноќна и викенд работа, барања што, според синдикалните лидери, се неопходни за да се спречи понатамошен одлив на кадар од секторот.

    „Штрајкот започна точно како што беше планирано и претставува јасен сигнал дека работниците повеќе не се подготвени да ја носат тежината на штедењето“, изјави водечкиот преговарач на Верди, Серат Канјурт, додавајќи дека очекува работодавачите да се вратат на преговарачката маса со посериозни понуди.

    Од друга страна, општините предупредуваат дека се соочуваат со сериозни буџетски ограничувања и дека исполнувањето на сите синдикални барања би претставувало голем финансиски товар. Преговорите се особено напнати во Берлин, каде што синдикалците тврдат дека операторите предложиле подобрувањата на условите за работа да се финансираат преку откажување од боледувања и флексибилно работно време, што од Верди го оценуваат како неприфатливо. Следната рунда преговори е закажана за 9 февруари, а синдикатот веќе предупреди дека доколку не дојде до значителен напредок, можни се и нови индустриски акции.

    И покрај хаосот во локалниот превоз, германската железница „Дојче Бан“ соопшти дека нејзините возови ќе сообраќаат без ограничувања. Градските железнички линии „С-Бан“ во Берлин, Хамбург, Минхен, Штутгарт, Келн, Нирнберг и регионот Рајн-Мајн, како и регионалниот и меѓуградскиот железнички сообраќај, не се опфатени со штрајкот, бидејќи нивниот персонал не е организиран во рамки на Верди.

    Германските здруженија на адвокати за трудово право потсетија дека во услови на штрајк важи принципот на „ризик на патување“, според кој вработените се должни навреме да стигнат на работното место, исто како и во случаи на екстремни временски услови. Доколку работата од дома не е можна, работниците мора сами да најдат разумна алтернатива за превоз.

    Властите упатија апел и до возачите на автомобили да планираат повеќе време за патување и, доколку е можно, да ги избегнуваат шпиц-термините, бидејќи се очекуваат значителни сообраќајни гужви. Како алтернатива на јавниот превоз се препорачуваат изнајмување автомобили, велосипеди и електрични тротинети, иако и тие решенија во студените зимски услови имаат свои ограничувања.

    Паралелно со штрајкот во јавниот превоз, Верди најави и дополнителна штрајк на работа на вработените во службите за одржување на патиштата во југоисточниот дел на Долна Саксонија. Во регионите Волфенбител, Гослар и Гандерсхајм се очекуваат проблеми со зимското одржување на патиштата и можни затворања на тунели, а овој штрајк, според најавите, ќе трае од 2 до 4 февруари.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично