Глобалната економија повторно се најде под удар откако тензиите на Блискиот Исток кулминираа со вооружен конфликт меѓу Израел и Иран, предизвикувајќи турбуленции на финансиските пазари. Само неколку часа по потврдата за нападите, цената на суровата нафта од типот Брент порасна за повеќе од 10%, достигнувајќи го највисокото ниво од јануари, додека инвеститорите пребрзо ги пренасочија средствата кон сигурни засолништа како златото и швајцарскиот франк.
Цената на нафтата подоцна се стабилизираше, но сепак остана висока – со раст од 5,5%, до ниво од 73,12 долари за барел. Тоа претставува најголем дневен пораст од 2022 година досега.
Берзанските индекси остро реагираа на новата нестабилност. Во Лондон, FTSE 100 – кој ден претходно затвори на рекордно високо ниво – се намали за 50 поени веднаш на отворањето. Под притисок беа и европските пазари: германскиот DAX, францускиот CAC 40, италијанскиот FTSE MIB и шпанскиот IBEX 35 забележаа пад од над 1%. Паневропскиот индекс Stoxx 50 ослабе за 1,6%.
Пазарите во Азија исто така беа во пад: јапонскиот Nikkei изгуби 1,3%, корејскиот Kospi падна за 1,1%, а хонгконшкиот Hang Seng за 0,8%.
Американските пазари, иако сè уште затворени во моментот на објавувањето на веста, покажуваат знаци на негативна насока – фјучерсите на S&P E-mini паднаа за 1,7%, додека на Nasdaq за 1,8%.
Авијациската индустрија беше меѓу најпогодените. Акциите на „ИАГ“, сопственик на „Бритиш ервејс“, и нискобуџетната „ИзиЏет“ паднаа за над 4%, откако авиокомпаниите го расчистија воздушниот простор над регионот.
Спротивно од нив, добивка забележаа одбранбени и енергетски компании. Производителот на оружје BAE Systems скокна за речиси 3%, а нафтените гиганти BP и Shell се зајакнаа за околу 2%.
Цената на златото порасна за 1,5%, достигнувајќи 34.434 долари (25.388 фунти) за унца – многу блиску до рекордното ниво од 3.500 долари поставено во април. Швајцарскиот франк и јапонскиот јен исто така добија на вредност, со пораст од околу 0,4% во однос на доларот.
„Геополитичката ескалација додава уште еден слој на неизвесност на веќе кревкото расположение на пазарите“, изјави Чару Чанана, главен инвестициски стратег во Saxo.
Израел го оцени својот напад како „превентивен удар“ поврзан со иранската нуклеарна програма. Како одговор, Иран лансираше 100 дронови, а Израел прогласи вонредна состојба.
Глобалните пазари остануваат на раб на нов шок, додека инвеститорите внимателно го следат развојот на конфликтот и можните последици по глобалната трговија и енергетската стабилност.