Во сопственост на Андреја Јосифовски се дополнителни 88 акции издадени од Макпетрол. За промената кај акционерскиот удел на претседателот на Управниот одбор, од компанијата известија преку Македонска берза.
Генералниот директор повремено купува акции, што говори за стабилноста и перспективноста на Макпетрол. По еднаш во месецот, од мај наваму, освен во јули, во објавите во врска со капиталот Јосифовски се наведува како купувач на обични акции. Во мај се стекнал со 884, а во јуни со 80 обични акции.
Дистрибутерот на горива има акција која е меѓу најатрактивни на Берзата. Просечната цена од вчерашното тргување е 116.250,50 денари. Инаку, во последните 52 недели статистиката регистрирала 1.190 трансакции со купопродажба на 4.745 акции и промет од 470.927.102 денари (7,65 милиони евра). Вредноста, во просек, се движела од минималните 84.401 до максималните 122.000 денари.