Првиот човек на „Реплек“, Душан Пецовски, ги зајакнува сопственичките позиции во компанијата. Тој купува акции, а „Настел“ на бизнисменот Зоран Азманов и натаму продава. Иако поседува над пет отсто од хартиите од вредност, акционерски статус на градежната фирма е значително ослабнат.
„Постапувајќи согласно член 38 од Правилата за котација на Македонска берза АД Скопје, Реплек АД Скопје објавува:
Акционер со над 5% Пецовски Душан, воедно претседател на Управниот одбор и генерален директор на Реплек АД Скопје, се стекна со 5 нови акции, со што поседува вкупно 31.620 или 12,20% од вкупниот број на акции“, се вели во објавата на фармацевтската компанија.
Во вториот дел од соопштението наменето за инвеститорската јавност, споделено преку Македонска берза, се вели:
„Акционер со над 5% односно компанијата Настел ДООЕЛ продаде 3.357 акции, со што поседува вкупно 17.866 или 6,89% од вкупниот број на акции“.
Со продажните активности „Настел“ почна во јули годинава, неколку дена пред поделбата на акциити што ја направи „Реплек“ во однос еден спрема десет. Тоа се случи на 11 јули, кога продаде пет акции, по што, според тогашната ценовно чувствителна информација, му останале во сопственоста 24.270 или 9,36 проценти. Или, за пет месеци продал 6.409 акции.