Позитивни резултати остварила фабриката Фруктал Мак АД Скопје во првата половина од годинава. Но, не толку позитивни, кои би можеле да се „носат“ со забележаните во ланскиот период јануари – јуни.
Добивката реализирана во првите шест месеци е во нето-износ од 7.287 илјади денари, односно 118,3 илјади евра. Во споредбениот минатогодишен период добивката била неколкукратно повисока – 41.544 илјади денари или 674,7 илјади евра.
Оперативните вкупни приходи изнесуваат 220.497 илјади денари/3,6 милиони евра. Во споредба со остварените вкупни приходи од истиот период минатата година од 271.801 илјада денари (4,4 милиони евра), сега има намалување.
Приходите од продажба во најголем дел произлегуваат од пласманот на сопствени производи на домашниот и на странски пазар. Вкупните приходи изнесуваат 218.351 илјада денари (3,5 милиони евра) и се пониски од првото полугодие во 2022, кога биле 266.785 илјади денари (4,3 милони евра).
Финансиските приходи изнесуваат 529 илјади денари или 8,6 илјади евра и се зголемени во однос на ланскиот споредбен период.
Оперативните расходи од јануари до јуни достигнале 211.016 илјади денари, односно 3,4 милиони евра. И тука се бележи намалување, бидејќи изнесувале 224,951 илјади денари или речиси 3,7 милиони евра.
Финансиските расходи се 1.387 илјади денари (22,5 илјади евра) и се зголемени во однос на минатата година.
Фруктал е препознатлива компанија по овошните сокови им пијалаците што ги произведува. Фабриката е лоцирана во еколошки чиста околина. Зафача површина од 192.000 метри квадратни, од кои голем дел се овоштарници со праски, кајсии и јаболка. Производите на Фруктал Мак се наменети за домашниот пазар, но се извезуваат и во Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора.