Позитивен е билансот од работењето на „Фруктал Мак“ во текот на минатата година, но со добивка која е значително пониска од остварената во 2022. Од тогашните над 820 илјади евра, паднала на 327,7 илјади евра (20.193 илјади денари).
Бројките прикажани во поединечниот неревидиран биланс на успех укажуваат дек за над 1,5 милиони евра е разликата меѓу вкупните оперативни приходи остварени во последните две години. Во 2023 се 7,36 милиони евра, во 2022 година биле забележани 8,95 милиони евра.
Од продажбата на сопствените производи, фабриката „Фруктал Мак“ инкасира најголем дел од приливите. И тоа, од домашниот пазар 3,41 милион евра (3,84 милиони евра во 2022), а од странските – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора, речиси 3,8 милиони евра (безмалку пет милиони евра преклани). Или, лани вкупните приходи се во износ од 7,38 милиони евра.
Во текот на 2023, оперативните расходи изнесуваат 6,86 милиони евра (во 2022 – над осум милиони евра). Во нивната структура, иако се намалени, сепак највисоки со 4,46 милиони евра се средствата што се издвојуваат за потребните суровини и други материјали за производството. За споредба, во 2022 иснесувале 5,49 милиони евра.