„Им порачуваме на сите непријатели на струмичката котлина дека ќе се бориме до крај и дека ќе ја зачуваме за следните поколенија онаква каква што ни ја предале нашите претци. Немојте да помислите на отворање на рудник овде во Струмица. Такво нешто ќе предизвика масовни судири и дестабилизација на државата. Рудник-само преку нас мртви. Рудник нема да има“.
Ова се само дел од пораките од денешниот протестен собир кој се одржа во центарот на Струмица, по повод неодамнешната одлука на Владата да ги спои двете концесии за рудникот Иловица на концесионерот Еуромакс Рисорсис, по пресудата на Управниот суд, кој го уважи тужбеното барање на компанијата. На пеколно жешко време повеќе стотици граѓани, млади и стари, голем број со своите деца, повозразни луѓе, земјоделци од околните села, беа присутни и повеќе од два часа издржаа пред комплексот Глобал во центарот на градот, гласно изразувајќи го своето незадоволство и извикувајќи: „Не за рудникот“ и „рудник нема да има“.
Присутните го иссвиркаа и присуството на двете министерки од Владата – Каја Шукова, министерка за животна средина и Јованка Тренчевска, за труд и социјала. Шукова, на која организаторите на протестот не ѝ дозволија да им се обрати на присутните, пред почетокот на протестот изјави дека Владата ќе ја преиспита својата одлука и дека ќе бидат побарани дополнителни информации за предметот од Министерството за економија.
Повеќе говорници, главно активисти на Здрава Котлина и другите еколошки здруженија од струмичкиот крај како и претставници на сродни здруженија со еколошки предзнак од Гевгелија, Скопје и од други градови, нагласуваа дека, според нивните информации, постои сценарио во кое, доколку рудникот не се отвори, концесионерот и лицата инволвирани во странските компании, меѓу кои и „Еколог“ од Тетово, чијшто сопственик, Назиф Дестани е близок до ДУИ, ќе договорат огромна отштета од повеќе стотици милиони евра од државата, преку криминален заговор за грабеж на буџетот преку исплата на отштета. „Немојте да помислите дека така лесно ќе ги опљачкате граѓаните, според ова сценарио што планирате да го реализирате со посредство на ДУИ и нивните финансиери“, ѝ порачаа на Владата од протестниот собир против рудникот за бакар и злато Иловица во Струмица.
Паралелно со одвивањето на протестниот собир, во Скопје, дел од министрите во Владата, како што прв објави ИРЛ, ретерираа од гласањето за спорната точка на владината седница, на која беше донесена одлуката за спојување на двете концесии на падините на Огражден со што практично му беше отворен патот на Еуромакс Рисорсис да ја продолжи процедурата за отворање на рудникот Иловица. Според пишувањата, министрите за внатрешни работи, за одбрана и за животна средина, Оливер Спасовски, Славјанка Петровска и Каја Шукова, се оградија од своето гласање за предлогот, оправдувајќи се дека немале доволно информации кога гласале за таа точка на дневниот ред, односно дека биле измамени.
„Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од владата спојување на концесии”, во разговор со ИРЛ ова го потврди министерот Оливер Спасовски кој како и повеќето негови колеги немал причина да се сомнева во документ на министерството кој што го презентирал нивниот колега Крешник Бектеши. Тој за ИРЛ изјави дека негов личен став е да нема рудник доколку локалното население тоа не го сака.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека министрите за време на седницата немаат време да ги разгледаат сите материјали за точки кои се додадени на дневниот ред на самата седница. „Во такви случаи се потпираме на образложението кое го добиваме од ресорното министерство“, појаснува таа.
Образложението од Министерството за економија укажувало само на тоа дека Управниот суд ја поништил одлуката на Владата за раскинување на концесискиот договор со Еуромакс Рисорсис, но никаде не стоела информацијата и дека одлуката на судот не наложувала спојување на двете концесии. Но Министерството, сепак поднело предлог до Владата да ја донесе Предлог-одлуката за спојување на концесијата за
експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот “с.Иловица“, општина Босилово, со образложение дека „ Со усвојувањето на оваа предлог одлука, Владата ќе ги изврши донесените одлуки на Управниот и Вишиот управен суд и ќе го спроведе член 61 од Законот за минерални суровини“.
Текст и фотографии: Југослава Дуковска