ПОВЕЌЕ

    ФОНДОТ НЕМА ДА ИЗДРЖИ 18.000, од септември прагот на минималната пензија 13.300 денари

    Време зa читање: 3 минути

    Барањето за минимална пензија од 18 илјади денари е нереално со оглед на минималната плата од 20 илјади, но од септември ќе нема минимална пензија која ќе биде под 13.300 денари. Решение за дефинирање на минималната пензија треба да се пронајде до крајот од годинава, а тоа ќе се случи по пат на дијалог во работната група, составена од претставници на Министерството за труд и социјална политика, Здружението на пензионери и на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. На ваков исход се надева министерката Јованка Тренчевска, која на следната владина седница ќе достави информација за формирањето на работната група.

    „Очекувам дека низ дијалог до крајот на годината ќе најдеме соодветно решение, секако, следејќи ги примерите на останатите земји, како да ја дефинираме минималната пензија во државата, а која ќе биде над она што значи праг на сиромаштија утврдена од страна од Светска банка“, изјави Тренчевска по посетата на Центарот за дневен престој на стари лица во Општината Чаир.

    Министерката повтори дека во септември следува ново усогласување на пензионерските примања со трошоците за живот и со растот на просечната плата, при што минималната пензија за тој месец ќе дојде до износ од над 13.300 денари. Процентот, пак, ќе се дефинира врз податоците од Државниот завод за статистика, или како што вели Тренчевска „одиме со изјави најмалку со шест насто, може  ќе биде и нешто повеќе, се зависи од статистиката“.

    За барањето на пензионерите минималната пензија да е 18.000 денари, министерката е категорична дека тоа би значело дополнително оптоварување на Фондот за пензиско осигурување и би ја загрозило неговата стабилност. Тоа, вели, би значело дека по три, четири месеци би дошле до ситуација да се прашаме дали 330 илјади лица ќе добијат пензија.

    „Како држава, како министерка, како Влада мора да водиме сметка за стабилноста на ФПИОМ, мора да водиме сметка за навремено исплаќање на пензиите“, посочи Тренчевска, која додаде дека не се потребни популистички мерки кои ќе бидат погодни на краток рок, но долгорочно ќе ја нарушат стабилноста на Фондот. Зашто, потенцира, пензиите се економска, а не социјална категорија.

    На ова пензионерите веднаш реагираа преку социјалните мрежи:

    „Земаш 1.700 евра плата, а проблематизираш 300. Земаш 50.000 само покачување, на месечно ниво, а се ценкаш за 2.000 денари. Навистина, во какво социјално општество живееме и каква социјалдемократија пропагираме!?“.

    новинар: Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично