
Стапка од 2,02 проценти кај слободните работни места во земјава регистрирале во Државниот завод за статистика. Или, на крајот од септември немало кадар за вкупно 10.033 работни позиции во земјава. Наспроти тоа, биле пополнети 485.556 работни места.
Податоците се за третото годинешно тримесечје и покажуваат дека најголемиот недостиг на работната сила е забележан кај елементарните занимања, каде што слободни биле 2.052 позиции. Оваа група е најдефицитарна во националната економија. Бројките говорат дека не можат да се задоволат потребите од работници за основни, рутински задачи, кои бараат физички напор.
Меѓу осумте региони, Вардарскиот има највисока стапка на слободни работни места – 2,53 проценти.
Според дејностите, јасно се издвојуваат контрастите: највисоката стапка на слободни работни места од 3,69 проценти е регистрирана во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, а најниска стапка од 0,22 проценти во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Според големината на деловните субјекти, компаниите со 10 до 49 вработени имаат највисока стапка на слободни работни места од 2,70 проценти.
(Фото: Freepik)
Аналитика








