Финансиското работење на угостителите е ставен под лупа. Финансиската полиција е на терен, при што се проверуваат ноќните клубови, кабареата и дискотеките. Се преземаат и потребните мерки и активности за санкционирање на секој вид на неправилностите утврдени во текот на акцијата.
„Управата за финансиска полиција активно е вклучена во големата акција за проверка на работата на објектите кои функционираат како кабареа, дискотеки и ноќни клубови низ земјава и постапува согласно со своите законски надлежности. На располагање се ставени сите капацитети на Управата за финансиска полиција за потребите на оваа акција, која има за цел да открие евентуални неправилности и нелегални активности во работењето на овие објекти“, информмираат од Управата.
Како што посочуваат, акцијата се фокусира на утврдување на финансиски проневери, избегнување на даночни обврски, нелегално работење и други неправилности во финансиското работење на угостителите.
„Паралелно со ова, истражните органи се насочени кон откривање на сите аспекти кои би можеле да доведат до санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите и регулативите“, велат од финансиската полиција и додаваат дека се во координација со сите институции за целосно отстранување на сите неправилности во насока на обезбедување на почитување на законите и регулативите.
Надлежните се активираа по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ во која животите ги загубија 59 млади лица, а над 170 се повредени. Досегашната акција покажа дека само 22 вакви објекти имаат лиценци, но и покрај тоа утврдени се низа неправилности. Односно, според официјалните информации, 15 лиценци се со истечена важност. Три дискотеки се затворени.
„Бидете сигурни дека ниту еден објект којшто не ги исполнува, како што стои според Законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира со сиот ризик и критика којашто потоа Владата ќе ја трпи“, изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски, кој најави „робусна акција, робусна контрола, жестока контрола и сите оние коишто не ги исполнуваат условите согласно закон, ќе бидат затворени и санкционирани”.