ПОВЕЌЕ

    Февруарски раст на каматите: За кредитите стапка од 5,52, за депозитите 1,76 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Банкарските камати и натаму се зголемуваат. Во февруари повисок годишен раст, од 0,76 процентни поени, е забележан кај стапките за депозитите, додека за кредитите изнесува 0,52 процентни поени. Како резултат на тие движења просечната каматна стапка за вкупните кредити е на нивото од 5,52, а за вкупните депозити 1,76 проценти.

    Најновите податоци на Народната банка за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците покажуваат дека просекот на стапката за кредитите на месечна основа има пад од 0,03 процентни поени. Кај депозитите растот на стапките е присутен и во февруари, со 0,04 процентни поени.

    Во тие рамки просечната каматна стапка на новоодобрените кредити бележи и месечен и годишен раст од 0,13, односно 0,15 процентни поени, па изнесува 5,35 проценти.

    На новопримените депозити се пресметува просечна стапка од 2,31 процент, а до тоа ниво е дојдено по месечното поместување од 0,09 и по годишното од 0,60 процентни поени.

    За кредитите што ги користи корпоративниот сектор, во февруари се применувала просечна камата од 5,40 проценти. Намалена е за 0,04 п.п. во однос на јануари. Од Народната банка посочуваат дека тоа се базира на пониските стапки кај сите видови кредити. На годишна основа, пак, е регистриран раст од 0,77 процентни поени.

    Што се однесува до новите кредити одобрени на компаниите, по месечниот раст од 0,04 п.п. стапката е 5,25 проценти. А, причината е во зголемените каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула. Споредено со состојбата од пред една година, оваа каматна стапка е повисока за 0,03 процентни поени.

    За вкупните депозити на овој сектор во вториот месец од годинава важела просечна стапка од 2,08 проценти. Кај неа има минимално месечно поместување од 0,01 п.п., поради зголемените камати на денарските депозити со валутна клаузула и на девизните кредити. На годишно ниво има раст од 0,33 процентни поени.

    Новите депозити имале камата од просечни 2,19 проценти, која за еден месец е поголема за 0,17 п.п., што се должи на растот кај стапките за сите видови влогови. Годишниот раст изнесува 0,79 процентни поени.

    За кредитите на населението, во февруари каматната стапка е намалена за 0,01 п.п. и изнесува 5,64 проценти. Според Народната банка, „надолната промена е одраз на пониските каматни стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула“. Во однос на истиот месец од претходната година, оваа стапка е зголемена за 0,30 процентни поени.

    Повисока е и просечната стапка што се пресметува за новите задолжувања на граѓаните, која е 5,45 проценти. Месечното нагорно движење е за 0,19 п.п., а доаѓа од зголемените стапки кај сите кредитни видови. Годишното зголемување е измерено со дополнителните 0,27 процентни поени.

    За заштедите на домаќинствата, по февруарскиот раст од 0,04 п.п., се корити стапка од 1,73 проценти. Се должи на повисоките каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула, на девизните и на денарските депозити со валутна клаузула. На годишна основа оваа стапка нараснала за 0,81 процентен поен.

    Каматата што се пресметувала на новите депозити во вториот месец од 2024 е 2,35 проценти. Во однос на јануари е зголемена за 0,05 процентни поени, а за 0,49 процентни поени е повисока од минатогодишното февруарско ниво.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично