ПОВЕЌЕ

    ФЕД го забрани тргувањето со криптовалути за своите службеници

    Време зa читање: 2 минути

    Федералните резерви на САД одобрија измена на уредбата со која се забрануваат високи функционери да тргуваат со акции, обврзници и криптовалути.

    Според изменетиот указ, високите функционери на ФЕД нема да можат да купуваат, поседуваат или продаваат поединечни акции, обврзници и други државни хартии од вредност, финансиски деривати, девизи, суровини, секторски фондови и криптовалути, пренесува Танјуг.

    Пред измената, декретот, објавен во октомври, не ги опфаќаше криптовалутите во тоа време. Според соопштението на Федералниот комитет за операции на отворен пазар, повеќето ограничувања ќе стапат на сила на 1 мај.

    Забраната се однесува на членовите на ФОМЦ, претседателите на регионалните ограноци на ФЕД и голем број други функционери, вклучително и началници на кабинет, менаџери за тргување со обврзници и вработени во ФЕД кои присуствуваат на состаноците на комитетите за монетарна политика. Тоа важи и за сопружниците и децата на вработените.

    Иако првично оваа регулатива ќе важи само за високиот персонал на ФЕД, централната банка рече дека очекува таа на крајот да ги покрие сите вработени.

    Забраната дојде по минатогодишната јавна контроверза предизвикана од извештаите дека неколку функционери на централната банка тргувале со акции и берзански фондови пред мерките на ФЕД за одржување на економијата во живот за време на кризата со коронавирус.

    Регулативата „има за цел да ја зајакне довербата на јавноста во непристрасноста и интегритетот на работата преку спречување дури и на можноста за каков било конфликт на интереси“.

    Согласно оваа забрана, функционерите кои моментално имаат инвестиции на берзата ќе имаат рок од една година да се повлечат од тие инвестиции. Згора на тоа, функционерите кои имаат намера да инвестираат во некои средства на берзата ќе треба да го известат FOMC 45 дена однапред и да не ги отуѓуваат тие средства во следната најмалку една година.

    Конгресот подготвува и посебна мерка за забрана на членовите на законодавниот дом да поседуваат поединечни акции, но официјално овие прописи сè уште не се објавени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично