Скопски „Реплек“ одработи уште едно успешно тримесечје. Забележани се 1.087 милиони денари или 17,6 милиони евра вкупни приходи остварени од продажбата во сегментот фармација. Износот се однесува на периодот од првиот ден на годинава па се до крајот на септември.
Се е според планот, информираат од Друштвото. Приходите се зголемени за 44 проценти во однос на истиот период од минатата година. Изразено низ конкретни бројки, се работи за раст од 335 милиони денари/5,4 милиони евра.
Значајно е што „Реплек“ и натаму е со голема извозна активност. Во тие рамки и најголем дел од приливите доаѓаат од продажбата на странските пазари.
Како што се наведува во објавата на Македонска берза, „приходите од продажба на странски пазар со учество во вкупните приходи од продажба на сегмент фармација од 81% (2022: 77%) се зголемени за 52%“.
Приходите реализирани од продажбата на домашниот пазар се повисоки за 21 насто споредено со истиот период лани.
Потврда дека на оваа компанија работите добро и одат, се и честите берзански трансакции, кои донесоа и одредени промени во спственичката структура.
Последно, пред неколку дена, членот на Управниот одбор Коста Котески купи една акција и вкупно поседува 21 обична акција.
Пред тоа, со три нови акции се стекна претседателот на УО, Душан Пецовски, во чија сопственост се 3.118 или 12,03 отсто од вкупниот број акции.
Меѓу акционерите со над пет проценти се Владимир Пецовски (6,27%), „Биотек“ (6,30%) и „Ситко Антонио“ ДООЕЛ Скопје (6,37%).