Туризмот во Македонија бележи голем пораст во август 2024 година, домашните и странските туристи најмногу ги посетувале езерските места и Скопје. Бројот на туристи достигна 232.576, што претставува зголемување од 7,2% во споредба со истиот месец минатата година. Од овој број, 51,4% се странски туристи, а 48,6% домашни.
Според податоците на Државен завод за статистика, бројот на ноќевањата во август 2024 година изнесува 911.478, од кои 74,3 % се од домашните туристи, а 25,7% од странските туристи.
Во периодот јануари – август 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 8,3 %, и тоа кај домашните туристи има намалување за 0,9 %, а кај странските има зголемување за 14,4 %.
Во периодот јануари – август 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 5,3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2,6 %, а кај странските има зголемување за 9,3 %.
Најголем број на туристи примиле Скопје и езерските места. Речиси 200 илјади туристи ги посетиле Скопје, Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Од кои домашни туристи се околу 102 илјади, а странски над 96 илјади. Според бројот на ноќевање, во овие пет града домашните туристи оствариле 646 илјади ноќевања, додека пак странските оствариле 196 илјади ноќевања. Овој тренд укажува на зголемена заинтересираност на туристите за подолг престој во земјата, што позитивно влијае на туристичката индустрија.
Најмногу странски туристи во Македонија традиционално доаѓаат од Турција, која со 50.227 туристи е на прво место. Веднаш зад неа е Србија, со 9.898 туристи, што ја прави вториот најголем извор на странски посетители.
Интересен податок е дека во август бројот на туристите од Романија достигнал 5.996, што ја поставува на третото место меѓу земјите од кои доаѓаат најмногу посетители. Овој пораст е особено забележителен бидејќи Романија покажува стабилен раст во текот на целата година.
Други земји кои придонеле за пораст на туризмот се Грција (2.851), Бугарија (1.960), Албанија (1.311), Косово (1.305) и Италија (2.031).
Значителен број туристи во август пристигнале и од подалечни земји како САД со 2.572 туристи, како и од европските држави Шпанија (1.773) и Хрватска (2.342).