ПОВЕЌЕ

    ЕВТИНА ДНЕВНА ТАРИФА ЌЕ ИМА ОД ПРВИ МАРТ АКО екипите на ЕВН дојдат до броилата

    Време зa читање: 3 минути

    Дневната евтина тарифа на струја треба да стартува од први март, но дали рокот ќе биде запазен, зависи од тоа дали екипите на Електродистрибуција ќе имаат отворен пат, односно слободен пристап до броилата кои треба рачно да се истретираат.

    Примената на новиот тарифен е предвидена за први декември, за кога е планирано и да се почне со сетирањето на броилата – 820 илјади на број. Од нив 170.000 се со далечинска комуникација. Сепак, многу повеќе, односно 650.000 се обични броила за кои е потребна рачна манипулација. Според изјавата дадена за ДВ, планот на ЕВН е околу 80 проценти од обичните броила да бидат сетирани уште во текот на првиот месец, а недостапните во наредните два до три месеци. Оттаму и потребата корисниците да не го попречуваат пристапот до броилата. Во спротивно, екипите на Електродистрибуција нема да можат до март да ја заокружат оваа активност.

    Домаќинствата би требало да ја користат евтината дневна тарифа од 13 до 15 часот. Пред неколку месеци, кога ја најави можноста за повторно воведување на дневната евтина тарифа, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, посочи дека тоа на годишно ниво е пет проценти намалување на просечната цена за домаќинствата. Исто така, го  наведе и податокот – во времето кога ја имаше евтината тарифа, тие два часа на годишно ниво беа 16 милиони евра помал приход.

    Евтината дневна тарифа беше укината на први јануари 2022 година, кога цената на електричната енергија се зголеми за 9,48 проценти. Како што тогаш беа претставени работите, состојбата беше или-или. Или сметки повисоки за речиси 15 насто, или два часа дневно поевтина струја. Оттогаш таа можност граѓаните ја имаат само ноќе од 22 до 6 часот наутро и во недела.

    Досега, пак, се споменуваа два датума за поврат на двочасовната дневна евтина сруја, први јули и први декември, но токму поради техничките проблеми овие рокови се покажаа како невозможни. Не е извесно дали тоа ќе се случи и на први март 2024. Пред се поради неодамнешните случувања во Арачиново и Слупчане и попречувањето на екипите да ја вршат својата работа.

    Всушност, со модернизирање на мрежата ќе се елиминира долгогодишната појава – кражба на струја, со што се губат милиони и милиони евра. Проценките се дека само во Слупчане се крадат 80 отсто од годишно потрошената струја, што повлекува загуби од над еден милион евра. Секако, на годишно ниво. Полоша е состојбата во Арачиново, каде што за една година се краде струја во вредност од шест милиони евра. Во Скопскиот регион, пак, во текот на една година се „топат“ 50 милиони евра согласно практиката „самопослужување“ со електрична енергија, без оглед што според законите – нелегалното приклучување во дистрибутивната мрежа е кривично дело.

    новинар: Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично