По значителните зголемувања во 2022 година, цените на храната во Европската унија продолжија да растат и во 2023 година, објави на 2 ноември агенцијата за статистика на ЕУ, Еуростат. Податоците за вториот и третиот квартал од 2023 година покажуваат дека цените на некои артикли забележале побавен раст.
Во септември 2023 година, цените на јајцата, путерот и компирот во ЕУ се повисоки отколку во јануари 2021 и 2022 година, но не се толку високи како неколку месеци претходно, додека цените на маслиновото масло постојано се зголемуваат.
Во септември 2023 година, цената на маслиновото масло беше за 75 отсто повисока отколку во јануари 2021 година. Во јануари 2022 година, цените веќе беа за 11 отсто повисоки од истиот месец од претходната година, а помеѓу септември 2022 и септември 2023 година, цените регистрираа нагло зголемување.
Цените на компирот исто така беа во неверојатен пораст. Од јануари 2021 година, цените на компирите се зголемија за 53 отсто во септември 2023 година, по врвот во јуни 2023 година (+60 отсто).
Што се однесува до цените на јајцата, во септември 2023 година тие беа за 37 отсто повисоки од јануари 2021 година. Цените на јајцата се стабилизираа во првите два квартали од 2023 година и покажаа одредено намалување во август и септември оваа година.
Цените на путерот еволуираа на сличен начин. Цените на путерот достигнаа врв во декември 2022 година (+44 отсто во споредба со јануари 2021 година), а потоа полека почнаа да опаѓаат. Во септември, путерот бил за 27 отсто поскап отколку во јануари 2021 година, соопшти Евростат.