Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) официјално стана членка на CFE Tax Advisers Europe – најпрестижната европска организација што ги обединува националните здруженија на даночни советници и сметководствени професионалци. Со ова, ИСОС е единствената организација од Западен Балкан што е дел од оваа европска мрежа.
„Зачленувањето во CFE претставува значаен чекор кон зголемување на видливоста и кредибилитетот на нашата професија во Европа. Тоа ќе им овозможи на членовите пристап до најновите европски практики и можности за професионален развој. Веруваме дека ова партнерство ќе ја зајакне конкурентноста на македонските сметководители и ќе ја направи професијата поатрактивна и за младите“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Поддршка на овој чекор даде и директорот на CFE Tax Advisers Europe, Александар Ивановски. „Уверени сме дека ова членство ќе придонесе за подобрување на регионалната и европската соработка во областа на даноците и сметководството. На членовите на ИСОС им се отвораат можности да учествуваат во специјализирани програми за обука, конференции и професионални мрежи, но и да влијаат врз креирањето на европските регулативи и стандарди кои директно ја засегаат нивната работа“, нагласи тој.
CFE Tax Advisers Europe е основана во 1959 година, со седиште во Брисел, и денес претставува чадор-организација што ги застапува интересите на даночните и сметководствените професионалци пред институциите на ЕУ и меѓународните организации. Организацијата промовира високи стандарди и етика, подготвува експертски анализи и организира конференции и обуки за професионален развој.
Институтот на сметководители и овластени сметководители е независна и непрофитна организација што обединува над 6.000 активни сметководители во земјава. Основан е согласно Законот за вршење на сметководствени работи и има јавни овластувања за издавање лиценци, водење регистри, контрола на професионалната работа, превод на меѓународните сметководствени стандарди и следење на Кодексот на етика.