ПОВЕЌЕ

    Европа може да стане лидер во дигиталната трансформација

    Време зa читање: 2 минути

    Европа може да стане глобален лидер во следниот бран на дигитална трансформација, изјави во четвртокот претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен.

    На виртуелниот веб-самит во Лисабон, таа најави поголеми инвестиции во дигиталниот развој и нови регулативи за дигиталните услуги, пренесува Хина.

    Таа посочи дека вредноста на европските технолошки компании само оваа година, во контекст на пандемијата, е зголемена за скоро 50 проценти, додека во последните пет години се зголеми за четири пати.

    „Европа има потенцијал да стане глобален лидер во следниот бран на дигитална трансформација“, рече таа, истакнувајќи дека Европа има најголем број врвни научници за вештачка интелигенција и повеќе развивачи на софтвер отколку Соединетите држави.

    „Неколку европски стартапи основани на почетокот на првата деценија на 21 век станаа глобални лидери во своите области, а алумни од таа прва класа создадоа нова генерација компании ширум континентот. Европскиот технолошки сектор созрева“, рече Фон Дер Лајен.

    Таа сепак предупреди дека европските дигитални компании се соочуваат со повеќе пречки отколку нивните конкуренти во другите делови на светот.

    „Од една страна, има недостатоци во инфраструктурата и недоволни дигитални вештини на нашата работна сила. Од друга страна, има регулаторната сложеност и бирократските бариери при обидот да се преминат националните граници. Затоа премногу европски стартапи ја напуштија нашата територија“, рече таа.

    За да се промени тоа, Фон дер Лајен рече дека Европската унија ќе ги зголеми инвестициите во дигиталниот развој.

    Таа посочи дека 20 проценти од средствата од новиот план за закрепнување од корона криза во вредност од 750 милијарди евра ќе бидат наменети за дигитални инвестиции.

    „Ние сакаме да ги донесеме придобивките од дигиталната трансформација на сите луѓе и региони во Европа“, рече таа.

    Унијата ќе инвестира во индустриски податоци и развој на дигитална инфраструктура, рече претседателот на ЕК.

    „Ќе инвестираме во нова генерација европски микропроцесори и суперкомпјутери, што ќе ги помести границите и на перформансите и на енергетската ефикасност. И ќе донесеме брзи врски на сите страни низ Европа со 5G и 6G мрежи и оптички кабли “, додаде Фон дер Лајен.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично